Македонија во 2023 година продолжи посветено да работи на зачувување на статусот на Охридскиот Регион и на исполнување на препораките од реактивните мониторинг мисии на УНЕСКО и неговите советодавни тела во 2017 и во 2020 година, беше нагласено на денешната, шестата седница на Националната комисија за УНЕСКО.

На седницата претседаваше министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која се осврна на Извештајот за состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион и напредокот во спроведувањето на Одлуката на Комитетот за светско наследство.

Потврдувајќи го отворениот и партнерски однос на Република Македонија и на Република Албанија кон Центарот за светско наследство и советодавните тела, во јануари 2024 година побаравме заедничка Реактивна мониторинг мисија на Центарот за светско наследство на УНЕСКО и советодавните тела, што ќе се реализира кон крајот на март 2024 година“, информираше Костадиновска-Стојчевска, која дополни дека мисијата ќе се реализира за да се процени моменталната состојба со природното и културното наследство на Охридскиот Регион со насоки за идните активности со цел соодветна заштита на наследството.

Членовите на Националната комисија беа информирани и за ревидираниот Стратегиски план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион (2023 – 2030). Во таа насока, министерката за култура потврди дека во постапката за ревидирање на Стратегискиот план, кој го изработи експертски тим од двете држави, се имплементирани и укажувањата, забелешките и препораките содржани во мислењето на советодавното тело на УНЕСКО – Меѓународната организација за споменици и места ИКОМОС.

Овие важни документи, по доставувањето до Центарот за светско наследство, ќе бидат и јавно објавени на веб-страниците на Министерството за култура и на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион ќе биде разгледана на 46. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО што треба да се одржи во јули 2024 година, кога и ќе следува донесување на нова одлука за статусот на светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион“, информираше Костадиновска-Стојчевска.

На денешната седница на Националната комисија на УНЕСКО беа разгледани и рангирани проектите доставени на Повикот за поднесување предлог-проекти во рамките на Програмата за партиципација на УНЕСКО за 2024 ‒ 2025 година.

Министерката Костадиновска-Стојчевска информираше дека во дадениот рок на повикот, кој беше објавен на веб-страниците на Министерството за култура и на Одделението за соработка со невладини организации при Генералниот секретаријат на Владата, пристигнаа девет предлог-проекти од програмските области: образование, наука, култура и животна средина.

На седницата свое обраќање имаше и Зоран Павлов, в.д.директор на Управата за заштита на културното наследство, кој учествуваше во изработката на Извештајот, и беше дел од тимот за ревидирање на Стратегискиот план, кој ги појасни преземените активности од сите надлежни институции кои имаат ингеренции во заштитата на Охридскиот Регион.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.