„Вештини за оживување“ е партиципативен уметнички проект и метод чија авторка е Клелија Живковиќ, кој се занимава со оживувањето како вродена карактеристика која нѐ обединува нас луѓето со остатокот од живиот свет. Во сегашноста натежната од неправди, насилство и експлоатација, нашата цел е да го истражиме потенцијалот на овие вештини за оживување како избори кои може секој да ги адаптира на своите можности и потреби и, спротиставувајќи им се на насилните и опресивните системи, да ги преземе како чекор кон светот кој оживува.

Учесници и ко-автори на овој проект се Никола Игновски, Христина Крстевска, Крсто Глигорјадис и Магдалена Таневска. Во периодот од три месеци, петчлениот тим го истражуваше сопственото и колективното оживување преку работилници базирани на методи инспирирани од изведувачките уметности. Секој од членовите на тимот дефинираше своја „вештина за оживување“ – одлука, избор или дозвола да ја напушти состојбата на преживување и целосно и бунтовно да оживее. Отфрлајќи ја заблудата дека, да бидеме живи значи да се чувствуваме добро, се поддржуваме едни со други и си овозможуваме да чувствуваме сѐ, згрижени во нашата безбедна заедница.

Како краен исход од овој процес произлезе уметничкото видео „Вештини за оживување“ кое премиерно ќе биде прикажано во КСП Центар Јадро в четврток, со почеток во 20:00 часот. Тимот кој работеше на видеото го сочинуваат Гоце Лалковски (директор на фотографија и камера), Дијана Димитриевска и Дарко Степиќ (музика) и Бисера Михајловска (монтажа).

Овој проект е дел од Артс Хаб програмата на КСП Центар Јадро, поддржана од Фондацијата Отворено Општество во Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.