Во Културно-информативниот центар во Скопје вечерва ќе биде отворена изложба на групата „Моми“ насловена „Мајкинство“.

Темата на која заеднички работевме изминатата година е темата „Мајкинство“, тема која е едноставна, но многу длабока. Сигурно ќе се запрашате зошто „мајкинство“ наместо „мајчинство“. Затоа што „Мајкинство“ како наслов подобро го рефлектира значењето на она што сакаме да го прикажеме.Доживувањето на мајкинската сила и создавањето со мајкинско чувство е моќна движечка сила која ја препознаваме буквално во сиот жив свет. Самото создавање е маjкински принцип. Мајка, тоа е секоја жена, бидејќи без разлика дали имаме или немаме деца, ние истовремено сме и жени, и мајки, и во домот и во општеството, се вели во соопштението од групата „Моми“.

Како што се посочува, оваа група има седум члена и секоја од нив иницирала дело на зададената тема.

Иницијалниот концепт беше претставен со скици, објаснувања и насоки, а потоа сите имавме можност да го следиме развојот на секое дело преку заедничка комуникација онлајн, како и преку нашите состаноци во живо. Секоја од нас имаше можност да надополни било кое од делата според своето видување и интерпретација. Така делата се надополнуваа и се приближуваа кон својата конечна форма. Крајната реализација на делата ќе се случи со нивното обединување и поставување во галерискиот простор, кога сите делови од „мозаикот“ ќе го најдат своето место, потенцираат во соопштението.

„Моми“ е уметничка група од авторки кои делуваат заеднички од почетокот на 2012 година, поврзани преку своите слично насочени размислувања за уметноста, како и блискоста на проблематиките кои се провокативни за нивно истражување.

Групата ја сочинуваат Ана Ивановска, Кристина Хаџиева, Зорица Зафировска, Маја Кировска, Марија Сотировска, Татјана Ристовска и Христина Зафировска. Пред основањето на групата соработувале на бројни проекти и се основачки членови на поголемиот уметнички колектив Art I.N.S.T.I.T.U.T. основан во Скопје 2009 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.