Во Културно-информативниот центар во Скопје денеска ќе се одржи промоција на книгата „Пандемија и постхуманизам“ од Иван Џепароски, издадена од Книгоиздателство Ми-Ан.
Како што соопштија од КИЦ, оваа книга претставува едно од првите вакви дела кај нас во кое се анализираат прашањата поврзани со промените што се случуваат во нашата современост, и на глобален и на локален план.
Пристапот кон овие актуелни прашања е од гледна точка на релациите меѓу пандемијата на ковид-19, од една страна, и на постхуманизмот и трансхуманизмот, од друга страна.
Книгата ќе ја промовираат Наташа Аврамовска и Мишел Павловски и ќе биде музички збогатена со настап на Билјана Петровска – пијано.
Иван (Ивица) Џепароски е филозоф, естетичар, критичар, антологичар и поет. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што и магистрирал и докторирал. Автор е на над триесет книги. Неговата книга „Македонскиот есеј“ е преведена на англиски, француски, германски, руски, шпански и на кинески јазик (2011–2016), додека книгата „Уметничкото дело“ (2018) – на албански јазик.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.