Антологија за поезијата и флората, насловена „Меѓу дрвјата“ чиј приредувач е македонскиот поет и филозоф Иван Џепароски, беше промовирана синоќа во рамки на 62. издание на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“.

Антологијата содржи 167 песни и околу 3 500 стихови. За сите застапени автори, едновремено е подготвена и биобиблиографска белешка како составен дел на книгата. Во оваа антологија со свои песни се застапени македонски поети од кои најстариот (Славко Јаневски, 1920-2000) е роден пред повеќе од сто години, а најмладата (Ива Дамјановски, 1996) пред 27 години.

Темелните идеи што ја оформија идејата за составување на антологијата „Меѓу дрвјата: поезијата и флората“, беа и се фокусирани кон промоција на идејата за една книжевна културна екологија и на една книжевна екологија, како клучни категории во рамките на една можна екопоезија и на нововостановените критичко-теориски пристапи именувани како екокритика, зелени (културни) студии, енвиронментална книжевна критика и екопоетика . Посебно внимание на овој план привлекува и пристапот што од неодамна го доби и своето име – ботаничка критика – истакна приредувачот Иван Џепаровски.

Антологијата „Меѓу дрвјата“ е насловена според песна од Блаже Конески.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.