Информација дека новоформираниот „Оркестар за џез музика” ќе биде просторно сместен во објектот на НУ Филхармонија ја дознавме од медиумите и сите не најде затечени и изненадени бидејќи пред донесување на ваквата одлука никој не се обрати до НУ Филхармонија да ја констатира фактичката состојба и искористеноста на просторот во објектот, рече на денешната прес конференција Зорица Каракутовска – претседателка на Управен одбор на Филхармонија.
Управниот одбор закажа итна вонредна седница која се одржа на 25.3.2023 (сабота) и на која се донесе одлука и се испрати протестно писмо адресисирано до Премиерот на Владата и Министерката за култура. Во писмото накратко го образложивме проблемот и неможноста за функционирање на две институции под ист покрив, пред се поради фактот дека просторот е веќе целосно искористен и окупиран.
Воедно во писмото ги поканивме Премиерот и Министерката да дојдат на состанок во НУ Филхармонија и на лице место да извршат увид.
На редовната седница на УО одржана во среда на 29.3.2023 повторно упативме молба и барање за средба со Министерката. До денеска оваа средба не е реализирана.
Во медиумите се пласираат невистини дека ЗЏМ веќе 7 години работи под исти кров во просториите на Филхармонија. Оваа информација вчера во изјава ја пласираше и Министерката за култура, која не треба да се поведува по манипулациите кои и се сервираат како информации туку треба да бараат факти.
Фактите се дека Филхармонија се наоѓа и делува во овој објект од 2017г., значи не се 7 години, дека ЗЏМ во сите години на постоење досега имала 10 проекти кои ги реализирала во концертната сала и како и за секој надворешен проект им е обезбедено да имаат една или две проби непосредно пред концертот. Во март 2021 ЗЏМ се обратил со барање своите редовни проби да ги одржува во Филхармонија и УО, исто како о денеска, одговорил дека нема простор и можност да излезе во пресрет на ваквото барање.
Во изјавата за еден медиум вчера Министерката вели: “Не е добро една убава приказна да се претвори во ноќна мора за културната сцена” . Во потполност се согласуваме со неа и сметаме дека во годината во која Филхармонија треба да се подготвува за чествување на 80 годишен јубилеј не треба својата енергија и време да го троши за да си го зачува својот интегритет и работен простор, рече Каракутовска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.