Владата на СДС(М)-ДУИ почна со масовно уривање на најстарата неолитска населба во Македонија и една од најстарите на тлото на Европа, археолошкиот локалитет Влахо кај битолското село Живојно, реагираат од Комисијата за култура на ВМРО ДПМНЕ.

Наместо темелни археолошки истражувања, конзервација и заштита, „владината“ механизација од багери и машини, направи сериозни оштетувања на локалитетот Влахо, кој е внесен и во Националниот регистар на културното наследство.

Предвидената експлоатација на јаглен, токму на овој локалитет, доведе до уништување на источниот и северниот периферен дел од неолитското наоѓалиште, нанесувајќи огромни штети. Ваквиот брутален варваризам на „владината“ механизација нема да запре тука, затоа што е предвидена целосна девастација на археолошкиот локалитет и негово целосно исчезнување од Археолошката карта на Република Македонија?!

По теркот на најсуровите режими во светот, дочекавме малцинската Влада на СДС(М), на најбрутален и суициден начин да почне со масовно уништување на сопственото културно и историско наследство на Македонија. Наместо негова заштита, презентација и промоција пред македонската и светската јавност, сведоци сме на невидено културолошко дивјаштво од рангот на најстрашните талибански акции во Авганистан и терористичка суровост во Сирија, кога беа уништувани цели историски и цивилизациски споменици.
Со ваквиот потег, уништување на неолитскиот бисер на Македонија и Европа – археолошкиот локалитет од времето на неолитот – Влахо, Република Македонија предводена од анационалната Влада на СДС(М)-ДУИ се врбојува во земјите кои свесно вршат автогеноцид врз сопствената култура и историја.

Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ ја повикува Владата, Министерството за економија, Министерството за култура, владините институции и фирмите кои го започнаа овој деструктивен чин веднаш да запрат со уништувањето на македонската археолошка историја и култура!

Ја повикуваме Управата за заштита на културно наследство, како и Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола во најбрз можен рок локалитетот Влахо да го прогласат за културно наследство во опасност во согласност со членот 32 (културното наследство на кое му се заканува опасност од оштетување, уништување или посериозно нарушување на неговиот интегритет, во смисла на овој закон и ратификуваните меѓународни договори е културно наследство во опасност) и членот 43 (решение за итно прогласување на културно наследство во опасност донесува Управата по службена должност и по барање на надлежната јавна установа) од Законот за заштита на културното наследство.

Истовремено, го повикуваме и Основното јавно обвинителство да преземе мерки во согласност со членот 264 од Кривичниот законик.

Потребно е овие инстутуции да ги преземат сите правни механизими за негова заштита. Во спротивно, ќе бидат директни виновници, не само во очите на македонската јавност, туку и пред лицето на правдата за извршениот културолошки и цивилизациски геноцид врз македонската култура и историја!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.