Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ јавно се обраќа до министерката за култура, Бисера Костадинова-Стојчевска со прашање зошто Археолошкиот музеј целосно и стратешки се уништува.
Реакцијата на Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ ја пренесуваме во целост.
А СЕГА ДА ЗБОРУВАМЕ СО ФАКТИ!
По посетата на Археолошкиот музеј на Македонија, министерката за култура Бисера Костадинова Стојчевска, изјавува дека оваа културна институција постигнала и постигнува завидни резултати во своите дејности. Поттикнати од оваа констатација, ја потсетуваме министерката на некои непобитни факти и воедно ѝ поставуваме неколку прашања и се надеваме дека тие ќе бидат одговорени.
1. Археолошкиот музеј на Македонија е музејот кој вие како власт и раководство целосно го уништивте и цензуриравте.
Оваа институција, која порано беше на самиот врв на музејското работење во Македонија и претставуваше вистински репрезент на македонското културно наследство во државата и надвор од неа, факт потврден со бројните активности во минатото, денес е претворена во полупразна зграда која е потполно нефункционална, валкана и хаотична.
Од институција која во времето на Владата на ВМРО-ДПМНЕ ја посетуваа над 28 000 посетители годишно, денес ја посетуваат едвај 5000, и тоа претежно ученици преку нивните задолжителни екскурзии и по некој заскитан странец. Организираните странски групи намерно го заобиколуваат, иако поминуваат пред самиот влез на Музејот.
Но ако сепак влезат внатре, тие ќе видат дека од трите музејски ката, кат и половина се целосно празни. Поточно, по Преспанскиот договор, нумизматичката збирка и целиот антички период се целосно отстранети, попрецизно, цензурирани.
Затоа, министерката не се фотографира на празните кат и половина! Не се пофали министерката со некој сувенир од Музејот, затоа што сувенирницата е празна. Тие што сакаат да купат сувенири не можат да го сторат тоа, затоа што со тоа се презентира Македонија и нејзиното културното наследство од кое власта јавно се срами! Понижувачки е фактот што во Музејот повеќето тоалети не се во функција, а тие што се отворени се во очајна состојба.
2. По одржаниот состанок, министерката е импресионирана од „завидните“ резултати на институцијата, од соработката со други установи, од „истражувањата“ и од издавачката дејност… Вистинска енигма се резултати од истражувањата што ги наведува министерката затоа што во изминатите години тие се целосно непознати за јавноста, а, од друга страна, тие се обврзни според законските прописи.
Но, затоа „завидни“ се само скандалите по кој е познат музејот. Како пример може да се наведе „завидното“ украсување на статуите од римско време со дедомразовски капчиња Јавноста беше згрозена на ваквата постапка и со право жестоко реагираше.
Нема никакви резултати, туку низ годините се финансираат исти проекти од „подобни археолози“ кои не носат резултати, освен за лицата кои ги раководат. За ова во иднина, некој ќе мора да одговара.
3. Дали министерката дознала зошто Исар-Марвинци не се истражува со години, па е оставен на немилост на дивите копачи? Апсењето на Украинци кои копале на локалитетот со детектори среде бел ден е неминовен доказ дека власта крева раце од значајните археолошки локалитети. Дали поради немањето резултати во последните години се прекина со годишната изложба и презентацијата на археолошките наоди, како што тоа беше практика во времето на претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ?
Посебно е срамно задоволството на министерката од издавачката дејност на Музејот. Во последните години Музејот издава само една книга и ништо повеќе. Но затоа Музејот има добиено пари за повеќе издавачки проекти.
4. Задоволството на министерката може да е и искрено, но само ако се гордее со неработата и неуспехот на Музејот. Веројатно министерката е презадоволна што Музејот отвора повремена изложба со фотографии од златниот антички наод од Тремник, додека оригиналните предмети тргнати од музејските витрини лежат во депото на Музејот.
Затоа бараме од министерката јавно да одговори: што сработува Археолошкиот музеј на Македонија во последните пет години и какви резултати има? Каде и како се претставува Музејот, по доаѓањето на СДСМ на власт? Колку нови наоди и локалитети се истражуваат овој период и кои се резултатите од тие истражувања? Каде и како се промовира македонското културно наследство?
Стратешкото уништување на оваа врвна институција, Археолошкиот Музеј на Македонија, во чии витрини, до не така одамна, беше претставено репрезентативно светско културно наследство бара одговорност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.