Вевчанскиот карневал е прогласен за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење. Со оваа денешна одлука на Владата се овозможува зачувување и афирмација на машката василичарка поворка како дел од зимските обреди со маски, која е зачувана и се практикува во автентична и интегрална форма од локалната заедница во Општина Вевчани, соопшти Министерството за култура.

Како што е наведено во Одлуката, по своите карактеристики „Обредните поворки со маски (карневал) – Василичари во Вевчани“ се издвојуваат со својата автентичност и зачуваност на формите на маските, василичарското оро, верувањата и обредните практики.

За Василичарите во Вевчани се утврдува режим на заштита од прв степен, со повеќе мерки на заштита. Преку поддршка и поттикнување на носителите за изработка на автентични маски ќе се обезбеди одржливост на древната манифестација, ќе се обезбеди пренос на знаењата за изработка на маските и вештините за свирење на традиционалните музички инструменти кои се дел од поворката. Од особено значење е што традицијата на еден од најстарите карневали во светот ги вклучува и младите генерации и се зачувува како културно наследство.

Со донесувањето на Одлуката за прогласување на Василичарите во Вевчани за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење, се обезбедува воспоставување трајна заштита на доброто и негова категоризација во согласност со Законот за заштита на културното наследство.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.