Романот „Вистинита, но не многу веројатна историја за семејството Пустополоски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од Влада Урошевиќ во издание на „Арс Либрис“ е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2022 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Минатогодишниот лауреат Симона Јованоска денеска на прес-конференција информираше дека годинава вкупно 35 романи беа во конкуренција за оваа престижна книжевна награда која во земјава се доделува по 24 пат.
Како што рече, во финалето за наградата влегоа романите „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски во издание на „Три“, „Писмо за Глорија“ од Живко Грозданоски во издание на „Или или“, „Столб што пее“ од Томислав Османли во издание на „ВиГ Зеница“.
-За да може еден роман да се носи со провокативноста на толку долг наслов, навистина мора да е врвно напишан. Овој наслов, што само го најавува патешествието на семејството Пустополски, претставува вистинско читателско уживање. Влада Урошевиќ во своето дело ја раскажува историјата на скопското семејство Пустополски, вешто ја вовлекува во приказната на еден толку ненаметлив начин, оставајќи го притоа читателот во пријатни чувства и задоволство по секоја прочитана страница, се вели во образложението на жири комисијата.
Според жири комисијата, нестандарден во секоја смисла, романот на Влада Урошевиќ ни се обраќа преку своите протагонисти со променлива среќа и ни говори за животот од некое друго, сега веќе далечно време кое минувало пред лицето на Вардар каков што не го знаеме, а сведочело многу убави и неубави нешта.
-Време кое во романот започнува во летото 1898 година, а трае се до првите децении по завршувањето на Втората светска војна. Приказната вовлекува со својата ноншалантност, со одмереноста, импресивната фантазија и со сериозно изградените ликови по профил и тежина. Во овој роман има нешто „пркосно“, нешто кое ненадмено отскокнува од другите, а тоа го можат само најдобирте, посочува жири комисијата.
Лауратот Влада Урошевиќ на денешната прес-конференција рече дека му е задоволство што како иницијатор на наградата стои Фондација која го носи името на Славко Јаневски.
-Славко Јаневски, нашиот прв романсиер го сметам за извонредно значаен автор и во текот на животот на годините, Склавко и јас бевме во мошне динамични односни, од жестоки караници до едно големо вистинско пријателство. Имавме многубројни средби, многу сме седеле заедно и неговиот лик ми е меѓу најомилените спомени од мојот книжевен живот, рече Влада Урошевиќ.
Како што потенцираше, романот го пишувал две ипол години, со големи напори да го задржи темпото на пишувањето. Најголемиот поттик за пишување му била визијата за една куќа. Една стара куќа во Скопје, покрај Вардар, така почнува приказната.
-Мојата опсесија со куќи е дамнешна и е поврзана со мојот живот. Во овој роман таа куќа е главната личност. Куќата во животот ми е нешто многу значајно. Сум живеал во бурни времиња и од седум куќи сум бил насилно иселуван. Разни војски ме иселувале насилно, а од седмата куќа насилно сум иселен поради земјотресот, и веројатно така се родила опсесија кај мене за една куќа која стои со векови цврсто на едно место и има некој свој живот кој го дели со нејзините жители, рече лауреатот на наградата.
Тој напомена дека имал намера да напише роман во кој истовремено ќе ги изнесе своите книжевни гледања на прозата во практика, но истовремено и роман кој ќе причинува задоволство на читателите. Сакал, како што рече, да ги спои овие две нешта кои не лесно се спојуваат.
Извршниот директор на Фондацијата „Славко Јаневски“ Ѕвездан Георгиевски на прес-конференцијата нагласи дека наградата се доделува на 15 март без исклучок во последните 24 години. Следната година, како што рече, ќе биде прогласен 25-тиот роман на годината. Генерален покровител на наградата е АД Комерцијална банка Скопје.
Влада Урошевиќ се смета за еден од најпознатите македонски книжевни автори. Роден е во Скопје, на 17.10.1934 година. Автор е на бројни книги поезија, на раскази, романи, есеи, патописи, книжевна и ликовна критика, како и на книжевна теорија и преводи.
Неговото творештво е обено и разновидно, а неговите книги се преведени на англиски, бугарски, германски, дански, полски, руски, словенечки, српски, хрватски, француски и шански јазик.
Наградата „Роман на годината“ се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.