Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“, конечно доби технички прием, откако седум години на сцената се играа претстави без употребна дозвола за објектот.

Извршен е упис во јавната книга на недвижности, откако последните осум месеци се работеше на остранување на сите констатирани недостатоци. Објектот седум години беше без технички прием.

По пожарот на монтажната болница во Тетово во септември, лани, надлежните решија да се отстранат сите недостатоци во зградата на Велешки театар, констатирани од страна на Државниот завод за ревизија и објектот во Велес  да има технички прием. Недостатоците во овој период од осум месеци  се отстранети, соопштија од Министерството за култура

После осум месеци пауза, на сцената на Велешки театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ ќе се одигра претстава.

Новата театарска сезона, од вечерва, започува со претставата „Четири соби“ во режија на Синиша Ефтимов, работена според мотиви од истоимениот култен филм од 1995 година.

Објавен е и репертоарот за месец април, каде освен оваа претстава, публиката ќе може да ги види  „Слуга на двајца господари“ „Синиот портокал“ и „Херои“. Најавени се и две гостувања. Годинава Велешки театар доби средства од Министерството за култура по годишната програма за две претстави, „Мадам  Батерфлај “ во  режија Андреј Цветановски и  „Креон и Антигона“ – во режија Дејан Ангелов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.