Десет претстави во официјалната програма, пет во независната, тркалезни маси, програма за деца, автор во фокус – ова е дел од програмата на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“, што ќе се случува од 9 до 16 јуни во Прилеп. Отворањето на фестивалот кое годинава е под мотото „Враќање дома“, ќе биде организирано на платото пред Центарот за култура „Марко Цепенков“ во 20.30 часот. Со видеоесеи фестивалот ќе им биде оддаде почит на лауреатите на наградата за животно дело, Петар Темелковски и Петар Мирчевски.

Претходно, во 19 часот, во Градската библиотека „Борка Талески“ ќе биде отворена ретката и роднокрајна збирка во чест на авторот во фокус Коле Чашуле. Во 21.30 часот на сцената на Центарот за култура ќе гостува театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес со претставата „Нема струја за електричниот стол“ во режија на Дејан Пројковски. Театарот од Велес одлучи, наместо со „Инферно“, која беше селектирана во официјалната програма, од технички причини, да учествува со оваа претстава.

Исто така, и Македонскиот народен театар, кого селекторката Ана Стојаноска го избра да учествува со „Бесачи“ во режија на Јавор Грдев, го откажа своето учество.

Иако имаше предлози овие две претстави да се играат на нивните матични сцени, сепак, како Собрание на фестивалот одлучивме дека МТФ „Војдан Чернодрински“ се одржува во Прилеп и дека не е во ред да носиме публика од градот за некои претстави да се изведат на матичните сцени. Ова нека биде и вид апел за сите да работиме повеќе на подобрувањето на техничките можности на сцените во Прилеп – истакна Стојаноска.

По одлука на Собранието на фестивалот, од истата причина, и Албанскиот театар, наместо со селектираната „Три сестри“, ќе учествува во официјалната програма со „Балкан“ во режија на Арбен Кумбаро.

Од 5 јуни ќе бидат пуштени во продажба влезниците на фестивалот на билетарницата на Центарот за култура „Марко Цепенков“.

Програмата на фестивалот ќе започнува секој ден во 10 часот со „Чернодрински за деца“. На пладне ќе се организираат разговори на тркалезна маса, на кои ќе се дискутира за претставите што ќе бидат на програмата од претходниот ден.

Секој ден од 17 часот на неколку локации низ градот ќе бидат поставени фестивалски зони во кои членови на групата „Театроск“ ќе постават свои живи статуи, додека студенти од Факултетот за драмски уметности од Скопје ќе бидат скомрах и ќе презентираат кратки патувачки етиди.

На 13 јуни ќе се одржи и меѓународна конференција на тема „Македонскиот театар низ визурата на македонската јавност“.

Фестивалот ќе биде затворен на 16 јуни со свеченото доделување на наградите. Во нивна чест ќе гостува Српско народно позориште од Нови Сад со „Последниот балкански вампир“ по текст на Дејан Дуковски, а во режија на Александар Поповски.

Освен претставата на отворањето, во официјалната програма на фестивалот ќе учествуваат:
„Чудна случка со кучето во ноќта“ од Сајмон Стивенс, во режија на Зоја Бузалковска, продукција на Драмски театар – Скопје;

„Мистерија Буфо“ според Дарио Фо, во режија на Андреј Цветановски, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп;

„Мy name is Medeјa“ според Еврипид, драматизација на Милан Рамшак Марковиќ, во режија на Себастијан Хорват, Народен театар – Битола;

„Балкон“ од Жан Жене, во режија на Арбен Кумбаро, Албански театар, Скопје

„Несфатената цивилизација“ од Добри Војников, во режија на Софија Ристовска, Народен театар – Охрид,

„Роња, ќерката на ограбувачот“ од Астрид Линдгрен, во режија на Јакуб Максимов, Театар за деца и младинци – Скопје

„Женска гардероба“ од Арношт Голдфлам, во режија на Наташа Поплавска, Театар Комедија – Скопје

„Циркус Пирандело“ според драми од Луиџи Пирандело, адаптација и режија на Бојан Трифуновски, Народен театар „Антон Панов“ – Струмица

„Човек перница“ од Мартин Мекдона, во режија на Сибел Абдиу, Турски театар – Скопје.

Во програмата Независна продукција што игра домашни автори, ќе учествуваат:

„Елегија во пет здива“ – автор и режисер Филип Петковски
„Заминувања“ – колективно авторство, режија на Драгана Гунин, независна продукција во соработка со Мировна акција
„Срам“ од Ангела Стојановска, режија на Милош Б.Андоновски, драматизација Ева Камчевска, Продукција на „Тииит! Инк
„Скопјани“ според раскази на Оливера Ќорверзировска и колективно авторство на актерската екипа, режија на Милош Б.Андоновски
„Под.готвено“ според поезија и проза на Ѓоко Здравески, раскази на Елизабета Баковска, поезија на Блаже Конески и адаптација на сцена од „Трите високи жени“ од Едвард Олби, режија на Дејан Спасовиќ, продукција на „РКЦ РАКАТРАК“

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.