Велешкиот театар со претставата „Нема струја за електричниот стол“ утревечер ќе гостува во Београдско драмско позориште. Гостувањето е дел од меѓународниот протокол за соработка „Наши денови“, чии потписници се Београдско драмско позориште, Српско народно позориште Нови Сад, „Ујвидеки Шиназ“, Нови Сад, театарот од Велес.

Ова е прво гостување на Велешкиот театар во оваа реномирана театарска куќа.

Претставата „Нема струја за електричниот стол“ од Александар Секулов, а во режија на Дејан Пројовски, ја имаше својата премиера во април 2023 година на сцената „Петре Прличко“ во НТ Џинот, Велес, а беше изведена на МТФ „Војдан Чернодрински“, Прилеп, на Интернационалниот фестивал на монодрамата во Битола – во чест на фестивалските лауреати и на Интернационалниот театарски фестивал „Сцена на крстопат“ во Пловдив, Бугарија.

Покрај Секулов и Пројковски, претставата ја потпишуваат: Сашо Димоски – драматург, Сашко Костов – композитор и изведувач на музиката во живо, Филип Коруновски – автор на сценскиот дизајн и постерот за претставата, Борче Конзулов – автор на анимациите и Данчо Стефков – реализација на камери во претставата.

Приказната е сместена среде апокалиптична околност во која се поместени двата лика – оној што е осуден на смрт со електричен стол и оној што треба да ја изврши осудата. Дијалогот пласира луцидна, иронична и саркастична приказна, која низ мултинаративен систем генерира уникатно сценско доживување. Овој мултимедијален проект има цел да ги преиспита границите меѓу сценското дејство, филмскиот израз и видео анимацијата преку постојаното претопување на различните медиуми во единството на театарската претстава.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.