Вечерва, (3 септември) од 19.30 часот во Ликовниот салон од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, ќе биде отворена изложбата „Македонија во светот на хералдиката“.
Изложбата содржи 35 панели поделени во два дела. Првиот дел е за историски грбови поврзани со Македонија од 14 до 18 век, поделен во 3 дела: Грбовите на Македонија од европските и илирските грбовници, на Кралот на Македонија, припишаниот грб на Александар Македонски и принцот Македон од Ематија. Вториот дел е за современи македонски грбови, поделен во 3 дела: грбови на институции и организации, општински грбови и лични грбови
Автори на изложбата се Иван Нацевски, потпретседател и д-р Јован Јоновски, претседател на Македонското грбословно друштво, а ликовното уредување е на Димитриј Михајловски, од истото друштво, кое е единственото стручно тело по хералдика во Македонија. Промотор на изложбата е публицистот Ставре Џиков.
Изложбата по повод 8 Септември, Денот на независноста на Македонија и 10 Јуни, светскиот ден на хералдиката, ја реализираат НУ Центар за култура „Марко Цепенков“ и Македонското грбословно друштво, а на поставката ќе бидат претставени над 70 грбови поврзани со Македонија почнувајќи од 14 до 21 век.
На 10 Јуни 1128 година, во Руен (сегашна Франција) англискиот крал Хенри I го прогласи својот иден зет, Годфри Плантагенет за витез. Во таа прилика му е доделен грб, на син штит, шест златни лавови 3-2-1, кој се смета за прв запис за доделување на грб во историјата. Затоа овој датум се прославува како светски ден на хералдиката.
Хералдика или грбословие — наука која се занимава со правилата кои владеат при дизајнирањето, блазонирањето (опишување, читање) на грбовите. Хералдиката е севкупност на грбови како симболичен идентитет на поединци и групи и земји.
Хералдиката е уметноста на исцртување на грбовите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.