Во Кинотеката на Македонија вечерва во 19 часот ќе биде поставена фотоизложбата „Што носеше кога сама си го бараше?“. Поставката ги пренесува приказните на 15 жени кои гласно и храбро зборуваат за сексуалното вознемирување и насилство со кое се соочиле во својот живот.

Фотоизложбата е на фотографката Ерина П. Богоева во соработка со „Види вака“ и испраќа јасна порака: Никоја „сама не си го бара“! Со обвинување на жртвата се ставаме на страната на насилникот.

Според податоците на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство вкупно 45% од жените во Македонија се изјаснуваат дека доживеале психичко, физичко или сексуално насилство од интимен партнер од нивна 15-годишна возраст. Десет проценти од жените кои некогаш имале партнер велат дека доживеале физичко насилство, додека 3% жени велат дека доживеале сексуално насилство. Дополнително 30% од жените доживеале сексуално вознемирување.

Оваа изложба е иницирана од Види Вака како одговор на големиот број на фемициди, психичко, физичко и сексуално насилство и вознемирување врз жените. Медиумот ја повика јавноста да учествува во кампања за подигнување на свеста за овој проблем.

Изложбата ќе биде поставена во Кинотека до 25 ноември годинава.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.