Вечерва во рамки на фестивалот Танц Фест 2023, во 20 часот во Младинскиот културен центар  (МКЦ) ќе се изведе претставата „Табу република“ на кореографот Бобан Русески, во продукција и изведба на Скопје танцовиот театар.

Покрај Русески, кој е потписник на кореографијата и режијата, во претставата учествуваат: со пијано изведба Ема Ананиевска, на теремин Кети Танчева, а визуелен уметник е Кристијан Јованоски. Костимите се на Благој Мицевски, плакатот за претставата го подготви Кристијан Јованоски, а настапуваат танчерите на Скопје танцовиот театар Анастасија Данчевска и Сара Цветковска и студентите на Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“: Стефи Шааршмит, Клара Христовска, Илина Костовска, Моника Шолевска, Михаела-Анџела Глигорова, Ангела Петровска, Јоана Благадуша, како и актерката Наталија Ристеска.

„Табу република“ нема цензура. Таа се бави со тематики на лицата од женскиот род, жената како родилка и носител на живот. Како кореограф во подоготовките правев истражувања колкава е стапката на смртноста на жените при пораѓај. Фокусот е ставен на абортусот, кој најчесто се случува заради недоволното сексуално образование кај младите лица. Претставата ги истражува состојбите во кои се стишува гласот на младите, поради општествените предрасуди и погледи кон самиот чин. Често наидував на млади девојки, познанички, кој се соочуваат со тие проблеми и тоа ме поттикна повеќе да истажувам на оваа тема. По неколку интервјуа со гениколози, психолози и дефектолози, сватив дека проблемите со кои се соочува младината, се многу подлабоки, а со дел од овие проблеми се соочуваат и повозрасни лица. Воедно, делото разработува сензитивна тематика и ги опфаќа лицата од ранливи категории, лица со оштетен вид и слух, лица со инавалидитет, кои се најмногу обесправени од самите институции. Една од многуте табу теми во нашите краишта, кои ме инспирираа да го создадам ова дело, се со цел да се слушне за овие проблеми и да се зборува отворено за нив во нашето општество, вели Русески.

Претставата се препорачува за +16 години.

Танц Фест Скопје е поддржан од Министерството за култура, Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, Амбасадата на САД во Скопје, УГД, Виталија, Бовин и мeдиумските партнери.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.