Во Музејот на македонската борба вечерва во 20.30 часот, женскиoт камерен хор „Св. Злата Мегленска“ ќе го одржи концертот „Глорија концерт за душа“ – Антонио Вивалди. Концертот се одржува во рамките на 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“, а диригент е Летка Димовска-Полизова. Солисти се Надежда Рубен и Јасмина Димитровска.

Билетите се во продажба на karti.com.mk.

На програмата се композиции од неколку фази од опусот на славниот Вивалди, меѓу кои концертите RV 299, 580 и 531, како и вокално иструменталниот мегахит Глорија (RV 589).

Концертот претставува соработка помеѓу хорот Света Злата Мегленска, професори и ученици од ДМБУЦ “Илија Николовски Луј” и Уметничкиот центар ПОЛИФОНИЈА.

Уметничкиот центар Полифонија е основан во Скопје, во 2003 година од фаготистот Орце Ицковски и пијанистката Јанинка Невчева со цел промоција и поддршка на Македонските уметници вклучувајки иновации и претприемништво на сите нивоа на изведба, како и обука во областите на култура и уметност. Подоцна кон центарот се приклучуваат и авторот и клавијатурист Давор Јордановски и виолинистката професор Сања Шуплевска, ансамблот ИнМедиасРес и Канадскиот музички центар од Скопје. Во својата богата историја Полифонија е организатор (главен носител) на повеќе од стотина разновидни видови на концерти, претстави и настани како и проекти за континуирана едукација, и проекти во соработка со реномирани организации кај нас и во светот како: Министерство за култура, Канадската Амбасада во Белград, Металворкс – Торонто, Универзитет Амброз – Калгари, Шпилштат Конзерваториум – Виена, Универзитетот на Сплит, Фестивалот Нишвил, Базиликата концерт од Италија, Гете-институт, МНТ, Националните институции Опера и Балет и Филхармонија, ДМБУЦ, Скопско Лето, и други домашни и странски институции и фестивали. Низ годините преку креативно ажурирани настани постигнати се значајни резултати во областа на уметничкото истражување, соодветна презентација, активно учество и размена на добри практики и платформа за презентација и менаџирање на домашни уметници и автори.

Женскиот камерен хор „Св.Злата Мегленска“ од Скопје е формиран во 1996 година при Македонската Православна Црква. Основач, диригент и уметнички раководител на хорот е академскиот музичар Летка Димовска Полизова.

Хорот е составен од 22 женски вокали, кои повеќето се млади академски образовани музичари и студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје и од другите државни универзитети во РС Македонија. Иако волонтери според ангажманот, тие со својот професионален однос придонесуваат за афирмација на македонската културна традиција.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.