Музичката програма на Фестивалот „Охридско лето“ продолжува со концертот на пијано дуото „Гелебешеви“ составено од двајца истакнати македонски пијанисти, Катерина Костадиновска – Гелебешева и Глигор Гелебешев.

Во описот на пијано-дуото пишува дека во сферата на камерното музицирање, Гелебешеви од почетокот на своето делување во 2001 година, се наметнува како ансамбл со исклучително високо профилиран квалитет во уметничката изведба, што гради успешна концертна кариера во Македонија и на бројни интернационални подиуми ширум светот.

Репертоарот на дуото Гелебешеви е селекција од колоритни дела со разновидна стилска и жанровска определба што најсликовито може да го претстави естетскиот афинитет на двајцата уметници. Започнувајќи од класиката и сонатите на Моцарт, концертните програми содржат оригинални дела за пијано – четири раце и дела за две пијана, со посебен нагласок на епохата на романтизмот: Шуберт, Шопен, Росини, Брамс, Дворжак, Шабрие, Лист, како и сите бои и звуци на дваесеттиот век – Дебиси, Равел, Рахмањинов, Хачатуријан, Барток, Барбер, но и низа композиции од современи композитори од дваесет и првиот век. Со цел промоција на македонската музичка култура надвор од границите на својата земја, дуото особено внимание посветува на изведба на пиеси од современи македонски композитори. А транскрипциите на познати оркестарски и камерни дела, подготвени од пијанистот Глигор Гелебешев, специјално за дуото, несомнено на нивните настапи им даваат дополнителна творечка и креативна димензија.

Дуото Гелебешеви континуирано настапува во градовите низ земјата и на сите најзначајни фестивали во сферата на класичната музика: „Охридско лето“, „Златна лира“, „Денови на македонска музика“, „Хераклејски вечери“, „Интерфест“, „Скопско лето“, „Прилепско лето“, „Штипско лето“… Од 2005 година со настапот на Светскиот ден на музката во Париз, пијано – дуото „Гелебешеви“ ја започнува својата интернационална кариера. Низ годините што следат, се редат успешни концертни турнеи во: Италија, Холандија, Романија, Полска, Србија, Бугарија, САД, Турција.

Пијано – дуото Гелебешеви е добитник на највисокото признание на Сојузот на музичките уметници на Македонија, наградата „Златна лира“ во 2012 година. Имаат и соработка со повеќе медиумски куќи во Македонија и во странство и две це-де изданија.

Концертот ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ со почеток од 21 часот. На програмата се дела за четири раце пијано на Дебиси, Шуберт, Рахмањинов и Шостакович.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.