Прекрасна вечер на „Охридско лето“ приреди големиот египетско-австралиски виртуоз на инструментот уд и композитор Џозеф Тавадрос кој донесе возбудлива програма со оригинална музика чиј автор е самиот тој.
Роден во Каиро, а израснат во Австралија, Тавадрос е една од најимпресивните и најхаризматичните фигури на австралиската музика. Со виртуозната техника и авантуристичката љубопитност беспрекорно ги обединува Блискиот Исток, класиката и џезот поради што критичарите го сметаат за вистински оригинален современ изведувач и иновативен композитор. Џозеф ги урива конвенционалните жанровски граници, покажувајќи дека удот е сестран инструмент кој има сила и чувствителност сам по себе и во ансамбли.
Неговата инструментална определба е инструментот уд, еден вид арапска лаута, претходник на лаутата и модерната гитара.
-Удот е стар инструмент, тој е предок на лаутата и се надевам дека публиката на фестивалот „Охридско лето“ уживаше во концертот. Удот го донеле во Европа во 9 век и е многу значаен инструмент бидејќи од него се развила и гитарата. Многу познат инструмент е и на Блискиот Исток, вели Тавадрос.
На „Охридско лето“, Тавадрос изведе негови композиции со што уште еднаш покажа дека е повеќестран уметник кој ја усвојува светската музичка сцена. Неговата најголема инспирација е родната земја.
-Иако сум пораснат во Австралија, најмногу ме инспирира моето културно наследство од Египет. Местото каде се родив е многу значајно за мене, а исто така и египетската култура и музика. И членовите на моето семејство се љубители на музиката и културата, па така, ја всадиле таа љубов во мене уште како мало дете, додава уметникот Џозеф Тавадрос.
Виртуоз во вистинска смисла на зборот, не само според неговите технички можности туку и со неговата разновидност и чувствителност, Тавадрос настапува во концертните сали ширум светот поместувајќи ги границите на музичката изведба, и делејќи ја сцената со бројни изведувачи во интерпретација на иновативна, оригинална музика. Настапува како солист или во дуо со неговиот брат Џејмс на египетски перкусии, како и со неговиот џез квартет или како солист со камерни и симфониски оркестри. Досега ги има изведувано сопствените композиции со Австралискиот камерен оркестар, Симфонискиот оркестар на Би-Би-Си, Симфонискиот оркестар на Аделаида, Националниот оркестар на Украина, Камерата Салцбург, а неговиот Концерт за уд и симфониски оркестар кој го изведе со Симфонискиот оркестар од Сиднеј е поместен на издание на АБЦ класикс во 2019 година. Досега тој е првиот и единствен австралиски музичар чије дело е изведено од страна на Академијата за стара музика во Велка Британија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.