Во Бугарскиот културен центар во Скопје денеска со почеток во 18 часот ќе се одржи Вечер посветена на истакнатиот бугарски писател Алек Попов кој неодамна почина.

Алек Попов (роден во Софија, 1966 год.) е и одличен автор на куси раскажувачки форми, неговите раскази од збирките „Мрсни сништа“ и „Ниво за напреднати“ се влезени во многу национални и меѓународни антологии на раскази. Попов е и драматург и есеист. На нашата публика ѝ е познат и како косценарист на популарната ТВ-серија „Преспав“. Неговиот прв роман, кој доживеа огромен успех, комичната сатира „Мисија Лондон“, се базира на неговото искуство како аташе за култура на Бугарија во Лондон и е преведен на 16 јазици. Романот на македонски го издаде редакцијата „Детска радост“ во превод на Александар Прокопиев. Според книгата бугарскиот режисер Димитар Митовски сними филм во 2010 година кој стана најпопуларниот бугарски филм во поновата кинематографија, за кој „Вараети“ напиша дека е „феномен“. Во 2011 година филмот во кој нашиот Огнен Антов беше копродуцент ја доби наградата „Unbribable Award” на програмата на „Транспаренси интернешенл“ на Филмскиот фестивал во Мотовун, Хрватска.

Вториот роман на Попов – „Црната кутија“ исто така е добитник на награди. Во 2007 година ја доби наградата „Елијас Канети“. Досега е објавуван на шест јазици, вклучително и на англиски. Изданието на германски јазик е бестселер, исто како и оригиналот на бугарски. Третиот роман е „Сестрите Палавееви: во бурата на историјата“. Во 2013 година ја доби наградата „Хеликон“ за најдобра прозна книга, а е преведен на германски и на српски јазик. Вториот дел од овој роман е објавен во 2017 година. „Сестрите Палавееви“ наскоро ќе излезе од печат во издание на „Прозарт медиа“.

Попов е добитник на многу литературни награди, меѓу кои: наградата „Хеликон“ за најдобра прозна книга на годината во 2002 и во 2013 година, Чудмировата награда за сатирична фантастика, наградата „The Reading Man Prize“, националната награда „Иван Радоев“ за драма, награда за современ бугарски роман на Фондацијата „Елизабета Костова“ и „Питер Овен паблишерс“.

Во 2012 година Алек Попов е избран за дописен член на Бугарската академија на науките во областа на уметноста.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.