„Кула Вавилонска“ е насловот на избор од поезијата на Веле Смилевски, објавен по повод авторовиот јубилеј: 75 години живот и 50 години творештво. Издавач на книгата е Здружението за уметност и култура „Дијалог“, а рецензент Лидија Капушевска – Дракулевска.

“Кула Вавилонска“ на 920 страници донесува избор поезија од 14 стихозбирки на Веле Смилевски, а во посебен оддел објавени се критичко-есеистички толкувања на Влада Урошевиќ, Георги Старделов, Матеја Матевски, Луан Старова, Сретен Перовиќ, Ефтим Клетников, Данило Коцевски, Раде Силјан, Санде Стојчевски, Бранко Цветкоски, Саша Хаџи Танчиќ, Миодраг Друговац, Сава Хержман, Тодор Чаловски, Билјана Ангеловска, Ала Шешкен, Олга Панкина, Наташа Аврамовска, Маја Јакимовска Тошиќ, Љубинка Донева, Мирјана Стојановска, Милица Димитријовска Радевска, Даниела Андоновска Трајковска, Никола Илијовски, Елена Карпузовска и Соња Стојменска Елзесер.

Во својата рецензија за книгата, Лидија Капушевска – Дракулевска, меѓу другото, пишува: „Кула Вавилонска“ од Веле Смилевски остварува повеќезначна функција: изборот  ја отсликува индивидуалната, авторска поетика, од една страна, а од друга, е мошне илустративен за местото, улогата и значењето на авторот во контекстот на целокупната современа македонска поезија. Во таа смисла, книгата претставува предизвик не само за обичните вљубеници во поетската реч, туку и за сите оние кои професионално и книжевно-теориски (научно) се занимаваат со македонската поезија, литература и култура“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.