На 13-ти јануари со почеток во 20.00 часот во Национална опера и балет ќе се одржи традиционалниот Гала оперски концерт по повод верскиот празник Василица.

За да се одбележи традицијата на Василица кога се крши лепче со паричка на 13-јануари, публиката во фоајето ќе има можност да земе лепче со паричка, а среќниот кому ќе му се падне ќе добие ваучер – гратис билети за целата сезона на Националната опера и балет.

Публиката ќе има можност да ужива во изведбите на некои од највпечатливите и најпопуларни арии, дуети, хорски делници и балетски точки од светски познатите дела од композиторите: Џ. Росини, В.А. Моцарт, В. Белини, Џ. Верди, У. Џордано, Ф. Лехар, Ж. Бизе, Џ. Пучини, Е. Калман, П. И. Чајковски и други.

Под диригентската палка на гостинот од Канада, Клод Лапалм, врвен диригент, добитник на голем број на престижни награди и признанија, а во режија на Дејан Прошев ќе настапат нашите врвни оперски солисти: Весна Ѓиновска Илкова, Сандра Митровска, Благица Поп Томова, Наде Талевска, Николина Јаневска, Биљана Јосифов, Зоран Сотиров, Александар Стефаноски, Марјан Јованоски, Ристе Велков, Игор Дурловски, Владимир Саздовски заедно со хорот, оркестарот и балетот на Националната опера и балет.

Концерт-мајстор е Јане Бакевски, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска, а кореограф е Саша Евтимова- известуваат од НОБ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.