Најновото, 12. издание на Филозофскиот филмски фестивал заврши синоќа со традиционалното доделување на наградите за најдобрите филмови одредени според жирито и според публиката.
Наградата „Златен Був“ за најдобар краткометражен филм според жирито отиде во рацете на филмот „Варша“ во режија на Донија Бадир.
Сценаристички зрел, кинематографски заводлив, и содржински прониклив, „Варша“ е филм за пркосот, кој одново ги сопоставува релациите помеѓу светот и нашите мали закожурчени светови.Режисерката со иновативен авторски пристап на гледачот му пренесува „цитат“ од најфреквентните философски теми – што е слободата, стои во описот за наградата.
Специјалното признание „Стефан Сидовски – Сидо“ за краткометражен филм му припадна на филмот „Тивкиот човек“ на Нима Карти.
Во краткиот опис за филмот се вели; Философема за секој човек – Everyman, кој дневно се соочува со неемпатичноста и моралниот далтонизам. Ненаметливо ги поставува прашањата како да се загребе по задреманата совест и што е тоа што може да го вознемири денешниот човек.
Наградата „Златен Був“ за најдобар долгометражен филм според жирито доби филмот „Клара Сола“ и режисерката Натали Алварез Месен.
На симболичниот јазик на магичниот реализам, филмот впечатливо ја прикажува борбата на Клара за самоопределување, во која нејзиното искуство за природата е централно. Оттука е и изворот на филозофското значење и поетската новина на овој филм: длабока емпатија со сите живи нешта, се вели во описот.
„Златен Був“ за најдобар краткометражен филм според публика беше доделен на филмот „Бранка“ во режија на Акош К. Ковач, а за најдобар долгометражен филм според публиката беше доделен на филмот „По љубовта“ на Алем Кан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.