В сабота, на 18 мај, во Драмски театар Скопје во 20 часот, на сцената „Ристо Стефановски“ ќе се одигра праизведбата на „Парови“ од авторката Ана Ристоска Трпеноска во режија на Ивана Ангеловска.

Со текстот од македонската авторка Ристоска Трпеноска Драмски театар ја продолжува традиција да им дава простор на домашните автори, кажа денеска на прес-конференцијата директорката на Драмски Викторија Рангелова Петровска.

Рангелова Петровска потсети дека во последните децении Драмски театар на театарската сцена ги поставува исклучиво дела на млади македонски драмски авторки како Жанина Мирчевска („Ждрело“), Благица Секуловска („Безљубни“), Миа Николовска („Така зборуваше Гертруда“) како и адаптации и драматизации испишани од жени драматурзи, работени по прозни дела на македонски авторки како што е случајот со „Мојот маж од Румена Бужаровска.

Праизведбите и соработката на Драмски театар во последниве години не е тенденциозно условена во соработка со жени автори, таа е природно поставена. Не занам дали ви е познато но последните генерации на школувани драматурзи се исклучиво жени. Женскиот драмски ракопис е доминантен, кажа Рангелова Петровска.

На прес конференцијата за претставата говореше режисерката Ивана Ангеловска, авторката Ана Ристоска-Трпеноскаи и дел од актерската екипа.

Ристовска Трпеноска кажа дека текстот е за пет дисфункционани парови и нивната потреба за љубов и немоќ да ги сменат работите.

Со „Парови“ сакав да напишам драма за партнери заглавени во трагикомичното секојдневие на заедничкиот живот. Мене секогаш повеќе ме интересира да го прикажам тоа што не се гледа, да пишувам за осаменоста и за проблемите со кои партнерите се соочуваат, но ги чуваат меѓу четири ѕида. Борба за доминација, его, токсични машко-женски односи, партнери на кои им е поважен професионалниот успех и социјалниот статус, партнери што посакуваат никогаш да не се сретнеле, се изневеруваат, бракови што станале рутина, партнери кои имаат различни очекувања, доживуваат разочарувања и се комични во нивната немоќ, кажа авторката Ристоска – Трпеноска.

Сценограф на претставата е Костантин Трпеноски, изборот на костимите се на костимографите Раде Василев и Ратка Џамбазовска Коцев, дизајнот на постер е изработен од Дамјан Момировски, а фотограф е Стефан Стамандов.

Улогите ги толкуваат: Ирена Ристиќ, Игор Ангелов, Игор Стојчевски, Димитрија Доксевски, Јасмина Василева, Стефан Вујисиќ, Ивана Павлаковиќ, Ања Митиќ, Лазар Христов и Нина Елзесер.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.