На 26 март, сабота, во 12 и во 14 часот на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) ќе се одигра премиерата на претставата „За нашиот Горан“  каде што улогите ги толкуваат децата од актерската школа на Весна Петрушевска.

Во претставата ќе има одломки од „Лонг плеј“ и „Демонот од Дебар маало“, пиеси на еден од најголемите македонски драматурзи Горан Стефановски.

Горан беше мој професор, мој омилен драмски автор и мојата дефиниција за бескрајно талентиран и племенит човек. Децата од мојата актерска школа се крајно посветени на ликовите кои ги играат во различни сцени од нколку пиеси на Горан. Првпат ќе се слушнат на сцена неговите генијални текстови од книгата „Стапица”. Таа книга ги содржи сите тајни на драмскиот занает и на приодот кон создавање и градење лик, вели Петрушевска за „Република“.

Претставата „За нашиот Горан“, е предизвик во вистинска смисла на зборот за еден актер, а за малите актери мисловен и актерски предизвик и задача.

Горан е нашиот идентитет, нашиот најдобар драмски писател. Театарот немаше да биде ист ако не постоеше Горан. Горан е љубов, вели Петрушевска.

Петрушевска е режисер на претставата, а таа го направи и изборот на музиката и адаптацијата на сцените.

Горан е често име на нашите простори изведено од именката гора, но исто така со значение голем и силен. Таква е нашата љубов кон Горан: силна,огромна, истрајна и посветена. Можете лесно да паднете во неговата стапица на зборови. Децата од актерската школа лесно го разбираат и нивниот поттекст е прецизно точен. Јас сакам секое дете да знае барем по еден монолог на Горан. Така живее само онолку колку го зборуваме. Ние немаме друг Горан. Имаме само еден! Храбар, бескрајно талентиран,точен, шармантен и полн со љубов, се вели во најавата за претставата.

Кореограф е Надја Лукановска, графички дизајнер е Александра Гатовска, а продуцент е Виолета Дамевска. Претставата е во продукција на КМК Продукција.

Следна изведба на претставата „За нашиот Горан“ е на 9 април во 12 часот во МНТ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.