Во Галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ), вечерва, во 20 часот, ќе се отвори изложбата „Уживање“ на Марта Патлиџанковска и Лусиана Ампева.
Опсервацијата на ликовните дела во актуелната изложба „Уживање“ на двете млади, академски ликовни авторки, е предизвик за нотирање на нови енергии и продукции во ликовната сфера, но и задача за барање на онаа допирна точка, оној заеднички именител кој ги поврзува како творци, а ги издвојува како индивидуи. Во овој колаборативен проект, Ампева и Патлиџанковска, преку своите дела се обидуваат да ја пренесат „магијата“, убавината на творечкиот занес во процесот на создавањето на едно дело, високото чувство на задоволство при проекцијата на мислата и материјализацијата на сликарската идеја на сликарското платно. Изложбата содржи дела работени во текот на 2024 година, големи формати, кои во ликовниот израз припаѓаат на реалистичката или фигуративната ликовна сфера, со примеси на одредена симболичност и асоцијативност, се посочува кон изложбата која ќе биде отворена до 14 ноември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.