Утре, на први ноември во Драмски театар Скопје се отвора 30. јубилејно издание на интернационалните студентски средби „Скомрахи“ 2022 кое ќе трае до 5 ноември. Во рамки на годинешната програма освен театарски претстави, предвидено е да се одржат и по две работилници секој ден, две изложби, промоција на драми од професорката Маја Стевановиќ и една научна конференција „Промена на перспективите, театарско и филмско образование во време на пандемија“.

-Претходните години имавме ковид пандемија, но сепак и покрај тоа, се обидовме во 2021 година да направиме едно издание на „Скомрахи“ кое беше во хибридна форма. Меѓутоа, сфативме дека тоа го нема оној сјај како кога се одржуваше во живо, односно ги немаше оние дружења меѓу студентите, немаше размени на искуства. Затоа оваа година со голема радост сите сме среќни, радосни затоа што „Скомрахи“ се враќа на старата традиција, го добива стариот сјај, рече деканката на Факултетот за драмски уметности (ФДУ), Мими Таневска Србиновска на денешната прес-конференција.

За отворањето и затворањето на фестивалот ќе бидат прикажани претстави од ФДУсо нивните студенти, а за на 2-ри, 3-ти и 4-ти предвидена е богата програма.

За студентите, како што рече Таневска Србиновска, ќе има и по две работилници секој ден. Ќе има и две изложби, едната од Факултетот за ликовна уметност, а останатите од ФДУ со плакати од нивната архива на „Скомрахи“ до сега.

Четвртиот ден е предвиден за филмски маратон и офф програма, при што ќе има многу свирки, музика, бендови.

Директорот на фестивалот, Илија Циривири информираше дека на годинешното издание ќе се прикажуваат две претстави секој ден.

Во рамки на филмскиот маратон ќе се прикажуваат филмови изработени од студентите на Драмскиот факултет, меѓутоа и од студенти кои се од останатите академии кои учествуваат како гости на „Скомрахи“ – од Србија, Турција. Она што е особено важно за „Скомрахи“ е офф програмата, креирана од студентите и особено сум горд и среќен што оваа година студентите лично, активно и ревносно работеа околу ова, додаде директорот.

Годинешното издание на „Скомрахи“ се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура и на УКИМ.

„Скомрахи“ се одржува во организација на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а покровител е претседателот Стево Пендаровски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.