– Успешно е завршена реставрацијата на трите икони од познатиот македонски зограф Дичо Зограф, кои се чуваат во Националниот историски музеј во Тирана, информираше Националниот институт за културно наследство на Албанија на  официјалната страна на Фејсбук.

Станува збор за иконата „Свети Атанасиј“ и „Свети Харалампиј”,  двете изработени во 1855 година, како и „Свети Никола“ изработена во 1859 година.

Благодарение на посветената работа на реставраторите на лабораторијата на Националниот институт за културно наследство на Албанија, усоешно заврши реставрацијата на трите икони кои биле дел од иконостасот и внатрешноста во црквата „Свети Никола“ во Елбасан (XVII-XVIII век). По нејзиното уривање во 1969 година беа попишани и пренесени во фондот на Заводот за споменици на културата, а потоа во 1999 година во фондот на Националниот историски музеј.

Дичо Зограф е познат македонски иконописец, претставник на дебарската школа и оти е еден од најпознатите иконо и фреско-сликари на Балканот во 19-век, кој насликал повеќе од 2.000 икони за потребите на црквите во регионот.

Димитар Крстев Дичов, попознат како Дичо Зограф е роден во 1819 година во селото Тресонче, област Мала Река, кај Дебар. Неговото творештво означува крај на еден илјадагодишен идејно-естетски систем и почеток на сосем нов период во македонската историја на уметноста. Карактеристично за неговата дејност е тоа што иконите ги сликал врз неутрална, најчесто златна заднина, а со тоа повеќе ја нагласувал духовноста на ликовите на светителите. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.