Кинотеката отсекогаш била место коe нуди уникатна филмска програма, алтернативна на холивудските блокбастери и хитовите од стриминг-платформите. Тука, во нашата киносала, македонската публика на големо платно може да погледне арт-хаус филмови од различни кинематографии, како и филмски наслови од домашната филмска продукција. Секако, нашата главна мотивација за создавањето на филмската програма е да се состави програма која ќе нуди нови и разновидни филмски изданија, со кои би се задржало вниманието на нашата редовна публика, но и да се допре до нова и помлада публика.
Во таа насока, овој ноември, срдечно ви препорачувам да ги погледнете филмските наслови ЧОВЕК ПО ТВОЈА МЕРКА (2021), ПРИКАЗНАТА НА МОЈАТА ЖЕНА (2021) и ОСТРОВОТ НА БЕРГМАН (2021), бидејќи се само мал дел од богатата европска кинематографија. Германскиот научно-фантастичен филм ЧОВЕК ПО ТВОЈА МЕРКА, во режија на Марија Шрејдер, нуди приказна која го актуелизира вечното прашање за вистинската љубов и идеалниот партнер. А за одличната глума во овој филм актерката Марен Егерт ја освои „Сребрената мечка“ за најдобра женска улога на Берлинале 2021. ПРИКАЗНАТА НА МОЈАТА ЖЕНА на Илдико Ењеди (режисерката на филмот ТЕЛО И ДУША со кој ја освои златната мечка на Берлинале во 2017 година) низ интересна љубовна приказна раскажува за несигурноста и љубомората која произлегува од неа. Сепак, морам да признаам дека мој фаворит за овој месец е ОСТРОВОТ НА БЕРГМАН на Миа Хансен-Лов, бидејќи филмот на интересен начин го користи името и значењето на Ингмар Бергман и неговиот остров Форе за да се претстават неискажаните пукнатини во меѓусебната комуникација на брачните партнери, Крис и Тони.
Свежината на кинематографијата секогаш ја одржуваат новите автори кои внесуваат нов ритам во продуцирањето на филмски приказни релевантни за младата публика, па така на самиот почеток во кинотечното кино овој ноември, публиката ќе има можност да погледне две филмски дела на македонските автори Илија Павлов и Филип Лафазановски. Ако филмот REBIRTH: VOICE OF SILENCE на Павлов е дело кое одлично го држи вниманието со 82-минутната приказна, тогаш краткиот филмски израз на Лафазановски во ПОД МОСТОТ може да се карактеризира како солиден краток филм за вечните теми.
Ноемвриската филмска програма во Кинотека во себе ја содржи и НЕДЕЛАТА НА ШПАНСКИ ФИЛМОВИ која оваа година ќе понуди нови филмски наслови за кинотечната публика. Исто така во овој месец се сместени и проекциите на последниот краток филм на Саша Станишиќ, ПС БУСАН што сосема солидно се надоврзува на неговите претходни дела. ПС БУСАН нуди негов поглед кон мегаметрополата Бусан наспроти традиционалните вредности на богатата култура на Јужна Кореа.
Оваа година македонската кинематографија се надополни со дебитантскиот игран ВЕРА СОНУВА ЗА МОРЕТО на Калтрина Красниќи, и забележа значителен успех на фестивалите во регионов. Филмот на Красниќи беше дел од програмите и на повеќе светски фестивали на кои освои и неколку награди, а својата премиера ја имаше на Интернационалниот филмски фестивал во Венеција. Како дел од македонската редовна дистрибуција овој месец на програмата ќе се прикаже и македонско-кипарскиот филм СНЕЖАНА НА КРАЈОТ УМИРА, дебитанското издание на Кристијан Ристески. Филмот својата домашната премиера ја имаше на 43-тото издание на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола, со кој фестивалот беше официјално затворен. Во рамките на ноемвриската филмска програма е и краткиот филм БАСКЕТ на Димитар Банов, а македонската публика на самиот крај на ноември ќе може да го посети фестивалот АНИМАКС, меѓународниот фестивал за анимиран филм, што оваа година ќе го има своето 13-то издание. Целата ПРОГРАМА
Дамјана Патчева
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.