Шестото издание на меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ ќе се одржи од 15 до 18 мај во Младински културен центар. Со претставување на двајца извонредни илустратори и една авторка на книги за деца од Турција, оваа земја ќе биде во фокусот на шестата „Литера“. Во рамките на „Литера“ ќе биде организиран Саем на литература за деца, на кој македонски издавачи ќе ги претстават своите најнови изданија, а ќе организираат и средби со автори и промотивни настани.
Наташа Андонова, уметница и илустраторка на книги за деца, се потпишува зад креацијата на плакатот за шестото издание на „Литера“. Таа во рамките на „Литера“, годинава, ќе има самостојна изложба на илустрации, како уметник кој учествувал во создавањето на повеќе книги за деца. Андонова, со својата уникатна техника и визија, претставува извонреден пример за креативност и талент. Нејзините илустрации за деца се вистински визуелни поетски дела, кои ги оживуваат приказните и ги претвораат во вистинско литературно патување. Таа беше добитничка на наградата за најдобра илустрација на 5. издание на фестивалот „Литера“.
Плакатот треба да служи на намената и да го задржи вниманието на гледачот, особено денес, тоа внимание се сведува на минимум од неколку секунди. Секако треба да повика на љубопитност и со своите ликовни елементи да понуди една целина која ќе има во фокусот доминанта што ќе ја носи нарацијата. Бидејќи темата на 6. издание на „Литера“ е „Летаме зедно” која ни се обраќа на сите нас , на читателите, на децата , ја сместив оваа порака во град, и тоа не кој било град.. Во Скопје, со минимално претставување на модерната архитектура која е идентификациски код на градот, на тој начин одредувајќи ја локацијата на фестивалот, но истовремено да упати дека нам, баш нам, ни е наменета пораката, „Летаме над градот“, како што пееја Екатерина Велика. Носител на нарацијата е девојчето пилот кое имитира фигура на авионче или позиција на полетување. Интерпретацијата на ликот и нејзиното милениче може да биде различна, но секако мојата идеја беше дека највисоката кула во градот е книгата. Истовремено книгата и не е многу различна од една зграда, (дури и по форма!), бидејќи во неа има жители, има толку многу кондензиран живот, автентичен, силен и бучен како и во еден град – вели Андонова.
Меѓународниот фестивал „Литера“ се гордее со портфолиото од успешни изложби што ги организира, привлекувајќи голем број посетители и влијателни гости од целиот свет. Од македонски доајени во илустрацијата, како и изложбата на Кондовски, до бројните странски илустратори кои го посетиле фестивалот, Младен Туниќ, Доминик Вуковиќ и многу други, „Литера“ постојано ja поддржува и промовира квалитетната литература и илустрација за деца. Сите автори, илустратори и уметници ќе ги збогатат доживувањата на сите посетители на Литера 2024.
Бидете и вие дел од оваа уникатна приказна и почувствувајте ја магијата на литературата и уметноста за деца – повикува тимот на „Литера“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.