Во црквата „Св. Софија“ во Охрид вечерва во 21 часот триото „Векандо“ ќе одржи концерт. Ќе настапат Верико Чумбуридзе, на виолина, Дорукан Дорук на виолончело и Џан Чакмур, на пијано. На програмата се дела од Едвард Григ, Фазил Сај, Дмитри Шостакович и од Морис Равел.

Членовите на триото „Векандо“ се наградувани млади музичари, водени од силна желба за заедничко музицирање која ги прави нивните настапи навистина посебни.

Верико Чумбуридзе е грузиска виолинистка која со интернационална слава се здобива на 20 годишна возраст, по победата на меѓународниот натпревар „Хенрик Виењавски“ во 2016 година. Таа е извонредна солистка, камерен музичар, а особено се истакнува поради имагинативниот пристап кон музиката. До сега има снимено повеќе носачи на звук со делата на Антон Враницки и Џон Вилијамс. Свири на виолина изработена од Џамбатиста Гуадагини која ја добива на користење од Германска фондација.

Дорукан Дорук е виолончелист кој досега има победено на бројни натпревари и настапувал во познати концертни сали низ целиот свет. Добитник е на втора награда на натпреварот за виолончелисти кој го носи името на композиторот Витолд Лутославски, а првото ЦД го снима во 2022, го промовира во 2023 година за издавачката куќа „Џенуин“. Настапува со музичари како Фазил Сај, Јо Јо Ма и Гери Хофман. Свири на инструмент изработен од Антонио Тесторе кој му е даден на користење од германската фондација „Музик лебен“.

Џан Чакмур е добитник на прва награда, како и на специјалната награда за камерна музика на меѓународниот натпревар „Хамаматсу“ во 2018 година, како и на Шкотскиот меѓународен натпревар во 2017 година. Неговиот албум снимен за БИС е прогласен за Најдобар соло албум, а тој е прогласен за најдобар млад музичар на ИКМА наградите, а добитник е на признанијата „Шок класика“ и „Златен дијапазон“. Чакмур студирал во класите на Дијан Андерсен и Григори Грузман на Музичката академија „Франц Лист“ во Вајмар.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.