Тркалезна маса на „ПРО-ЗА Балкан“: Како писатели можеме да ги освестуваме луѓето дека живееме во дистопија

Како дистопијата ја победи утопијата во современиот свет? Каква е улогата на литературата денес како вечна форма на отпор чија смисла е да ги менува нештата? И колку вербата дека можете да ги менувате нештата ќе ве доведат до крајната цел? Ова се дел од размислите на писателите што синоќа учествуваа на тркалезната маса „Литературата како форма на отпор“ што се одржа во рамките на 12. издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ во просториите на Јуроп хаус во Скопје. На дискусијата учествуваа лауреатот на фестивалот, српскиот писател Владимир Пиштало, хрватскиот новинар и писател Борис Дежуловиќ, Ненад Шапоња од Србија, Мајда Корен од Словенија, Мајк Дауни од Велика Британија и нашиот новинар и во последните години писател, Ѕвездан Георгиевски. Поради болест Рене Карабаш и Виолета Танчева-Златева не учествуваа на тркалезната маса, но присутни беа гостите од 11. Скопје фелоушип програма.

Увод во дебатата даде Дејан Трајкоски, идеен творец и директор на фестивалот кој цитираше дел од говорот на писателот Миљенко Јерговиќ пред две и пол недели на фестивал во Словенија:

‘Судејќи по тоа што сме живи, ние сме потомци на убијци, а не на нивните жртви. Ви благодарам што ме доведовте на ова место и нема да ме убиете како јас што ве убивав вас.’ Овие зборови за смрт, убиство и простување не се искажани од автор од третиот свет, туку од автор што живее во земја-членка на ЕУ и добива награда во друга земја-членка на ЕУ. Во овие две реченици од генијалниот говор е скриена најголемата тајна кажана низ поетска, метафорична форма. Ако се разложат, тие се тотално антиничеански, зашто Ниче се борел за отфрлање на афектот на вината, а тука имаме тотална спротивност кога авторот ја признал вината што можеби не ја ни сторил? Зошто?! Дали е тоа негова Гандиевско-теолошка порака дека во ова време сите треба да истапиме на радикален начин како форма на отпор кон сè што се случуваше во минатото и на овие простори, а се случуваат и денес – рече Трајкоски.

На неговите зборови се надоврза модераторот Владимир Јанковски, и самиот наградуван писател кој ја конципираше темата на тркалезната маса. Предност му даде на лауреатот Пиштало, цитирајќи го: „Книгите се место на смислата и вистината. Смислата грее, вистината оживува…“ На прашањето дали чинот на пишување во суштина е радикален и револуционерен чин на несогласување со светот, Пиштало е дециден дека на почетокот клучна е таа улога на незадоволство.

Кога си млад, сите те нервираат. Како во песната I Don’t Like Mondays (Не ми се допаѓаат понеделниците н.з.). Тоа незадоволство и нелагодност ми се многу познати. Во комунизмот секогаш зборуваа за еден термин – анархосиндикализам. Не ги разбирав, што зборувате луѓе? Ајде да веруваме во тоа што зборуваме и да почнеме да ги разбираме нештата. Поезијата е доказ колку зборовите можат да бидат вистинити. Јазикот може да биде стварен. Најважна работа е да се користат вистински зборови кои го оживуваат нештото – вели Пиштало.

Јанковски направи споредба помеѓу жанровите утопија и дистопија, првиот да создава алтернативен свет, вториот како модел преку кој авторите често се обидуваат да разобличат тоталистаристички општества. Дежуловиќ се надоврза велејќи дека утопија беше романтичниот жанр на минатиот век.

Борис Дежуловиќ: Тоа што можеме да го правиме како писатели е да ги освестуваме луѓето дека живееме во дистопија / Фото: ПРО-За Балкан

Комунизмот е прекрасна утопија. Невозможно е човечкото суштество да знае да дели. Жанрот на 21 век е дистопија, дури и како фантазија. Пред многу години кога замислувавме како ќе биде после 2000-та, го замислувавме токму вака, како денес, свет со милион камери што постојано ве снимаат. Нè уверија дека ја сакаме оваа дистопија. Кина создаде таков свет за милиони луѓе. Трамп самиот по себе е дистопија. Да го замислевме интернетот пред 150 години ќе се ужасневме од самата помисла, денес го прифаќаме како нормален. Тоа што можеме да го правиме како писатели е да ги освестуваме луѓето дека живееме во дистопија – рече Дежуловиќ, цитирајќи го Алдус Хаксли: „Не се плашам од општество во кое се книгите забранети, туку од општество каде никој не сака да чита.“

На него се надоврза Шапоња кој верува дека постои и друга алтернатива. Писателите пишуваат од отпор кон светот. Живеат во свет на стереотипи, но тие не припаѓаат на нивната душа.

За писателот е важно во просторот на јазикот да може да говори за својата душа. Тоа е мој став и веројатно поради тоа успевам да го игнорирам овој свет. Тоа не е единствен свет. Јас избирам да живеам во поинаков свет. Се разбира тоа има цена – цената на секојдневието која мораш да ја платиш. Но, имаме љубов, тоа се 10 отсто од нас кои живееме во овој свет. Нашиот проблем е што сме ограничени на 5 сетила и не ја перципираме стварноста. Борис зборува за дистопијата и тоа е систем, банален, тоа е баналноста која боли. Писателот е тука да се извлече од неа ако може. Оттаму ќе излеземе во реалност и ќе бидеме казнети. Но, што да правиме?! Ние живееме за тој миг – вели Шапоња.

Отпорот е клучeн за работата на Мајк Дауни и на полето на филмот и во литературата. Двете уметности се многу различни, зашто филмот е индустрија, фабрика, „стрејт“ работа во која се прават пари. Со литературата е понаку, а тоа особено се чувствува преку публиката. Но, и филмот и литературата имаат моќ да запалат искра, да покренат движење.

И правење графити е форма на отпор. Секогаш е отпор и секогаш иницира промена, без оглед дали се работи за поединец или за група – вели Дауни.

Мајда Корен од Словенија и Мајк Дауни од Велика Британија /фото: ПРО-За Балкан

Како пример тој го посочи филмот што го продуцирал „Зелената граница“ на полската режисерка Агњешка Холанд кој влијаеше на политичките случувања во Полска.

Еден месец пред изборите во Полска, луѓе одеа да гледаат радикален филм кој направи мал, но важен импакт во исходот на изборите. Има смисла во овој ангажман, солидарност е во прашање и личниот придонес во политичките промени. Глобалниот капитализам создаде неодржлив систем, нездрав за луѓето. Мора да веруваме дека сме носители на промената. Не ми е грижа дали е така, сакам да верувам во тоа – вели Дауни.

Мајда Корен пишува за деца и за адолесценти. Таа смета дека многу е важно младите да читаат. Книгите за деца не се само неколку реченици и слики. Важно е што има помеѓу линиите.

Децата треба да размислуваат што читаат, не само да читаат – вели таа.

Ѕвездан Георгиевски, писател, колумнист и политички коментатор почнал да пишува пред неколку години. На прашањето каде го лоцира расчекорот помеѓу колумнистичката и прозната поетика, тој вели:

Новинарство е занает кој се однесува на сега и овде и треба да го менува светот. Литературата треба да биде нешто што ќе трае подолго – вели тој.

Низ дебатата Дауни потенцира дека стравува за иднината на отпорот како форма. Средната класа во општествата веќе не постои, а младите со потенцијал имаат родители кои не можат да ги финансираат. Пиштало раскажа интересна анегдота со познатиот поет Чарлс Симиќ, негов близок пријател, добитник на Пулицеровата награда, на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата и на многу други. Симиќ, универзитетски прфесор во САД со години најавувал дека ќе замине во пензија.

Владимир Пиштало, годинашен добитник на наградата „Прозарт“ / Фото: ПРО-За Балкан

Замина кога му се падна група постдипломци студенти каде никој не знаел кој е Џек Николсон – рече Пиштало.

Навраќајќи се на дистопијата што ја живееме Дежуловиќ се осврна на изборната трка во САД кога кандидади беа Хилари Клинтон и Доналд Трамп.

Постои ли погенијален пример за дистопија – петмина „клинци“, некаде во Македонија, во подрум во Велес, масовно продуцураат лажни вести за американски сајтови и дистописката победа на некој идиот со портокалова коса во Америка!

Сличен пример со ширењето лажни вести за време на пандемијата раскажа и Шапоња. Дауни се надоврза дека за време на пандемијата многумина режисери почнале да пишуваат: Квентин Тарантино, браќата Коен, Оливер Стоун.

Сега писателите ќе почнат да снимаат филмови – заврши Дежуловиќ.

На програмата на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ вечерва во 20 часот во Даут-пашиниот амам ќе му биде врачена наградата „Прозарт“ на Владимир Пиштало, а ќе бидат претставени и писателите Ненад Шапоња, Мајда Корен, Мајк Дауни и Виолета Танчева-Златкова.

На програмата на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ вечерва во 20 часот во Даут-пашиниот амам ќе му биде врачена наградата „Прозарт“ на Владимир Пиштало / фото: ПРО-За Балкан

Организатор на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ е издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје. Поддржувачи на „ПРО-ЗА Балкан“ се: Министерството за култура и туризам, „Традуки“, Амбасадата на Србија, Културно-информативен центар на Бугарија во Скопје, КУД Содобност, Француски институт во Скопје, Кинотеката, Амбасада на Грција, библиотеката „Браќа Миладиновци“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.