Какво е влијанието на литературата врз стварноста и колку таа влијае врз создавањето книжевни дела? Од филозофија до метафизика и назад во реалноста вчера одговор на овие прашања се обидоа да дадат седум врвни писатели од регионот, гости на 11. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ што се одржува во Скопје. Тие учествуваа на тркалезната маса на тема „Литературата како (де)конструкција на стварноста“ која се одржа во Europe House Скопје. Фантастични размислувања на темата изложија Драго Јанчар од Словенија, годинашниот лауреат на наградата „Прозарт“, култниот режисер Слободан Шијан од Србија, Владимир Левчев од Бугарија, писателот и сценарист Тарик Туфан од Туркије, македонската писателка и монтажерка Снежана Младеновска-Анѓелков, писателот и новинар Ренато Баретиќ од Хрватска и писателката Даница Вукиќевиќ од Србија.
Присутните ги поздрави Дејан Трајкоски, идеен автор и директор на „ПРО-ЗА Балкан“. Тој објасни дека темата може да се гледа од многу агли и им ја фрли ракавицата на панелистите тргнувајќи од самиот почеток, што е тоа стварност и како големите филозофи размислувале за ова прашање. Модерирањето го презеде Владимир Јанковски, еден од најуспешните македонски писатели од средната генерација. Тој даде кус осврт на историјата на книжевноста и нејзиниот однос со општеството во различни периоди.
На почетоците книжевноста била во отворена љубовна врска со општеството и распределбата на моќ во него. Во средниот век и класицизмот литературата одговарала пред владејачката класа. Првиот крик за еманципација го гледаме во втората половина на 19 век со појавата на ларпурлартизмот и ставот дека секоја уметност треба да биде самодоволна, за да дојде ужасниот 20 век и Првата светска војна и уметниците повторно да одговараат на состојбите во општеството. По Втората светска војна доаѓа потребата целата уметност да се стави под ударот на политиката, а денес сме сведоци дека поимот „ангажирана литература“ повторно се враќа и се појавуваат книги што нудат ново читање на нештата – рече Јанковски.
Драго Јанчар даде интересен пример какво е влијанието на литературата и на имагинарниот свет преку творештвото на Габриел Гарсија Маркес. Зошто му веруваме на Маркес кога во неговите дела се случуваат најневеројатни нешта?! Но, сепак му веруваме.
Во еден роман употребив дел од вистинска приказна – историски документ за нешто што се случило во 1944 година, на крајот на Втората светска војна. Предизвика такви реакции во јавноста, сите мислеа дека сè е вистина, а всушност 80-90 отсто јас измислив. Во фактографијата вметнав имагинација. Луѓето секогаш повеќе ѝ веруваат на литературата. На тој начин се создаваат нештата – се деконструираат и пак се враќаат на реалноста – рече Јанчар.
Слободан Шијан, режисерот на култните „Кој тоа таму пее“ и „Маратонците го трчаат почесниот круг“ вели дека луѓето сакаат приказни, а уметниците се еден вид раскажувачи. Тој објасни дека секогаш во своите дела внесува по некој реален момент за да му укаже на гледачот дека тоа што го гледа, сепак, не е вистинска реалност.
„Маратонците го трчаат почесниот круг“ завршува со горење на филмската лента. Во „Давител против давителот“ на крајот се појавува ликот од реалниот живот. Свесно го правам тоа за да почувствуваат луѓето дела сето тоа е уметност, не е 100 отсто реалност – вели Шијан.
Според Тарик Туфан, да се зборува за авторство прво треба да се зборува за лудилото. Тој се осврна на ликот на Дон Кихот, кој полуде зашто од колосек го извадија романите за војните што ги читаше.
Литературата знае да ве извади од колосек. При постоечката стварност, само лудилото може да создаде друга посочена стварност. Зошто човекот има потреба од вакво нешто? Едноставно, кога стварноста почнува да го убива човекот тој почнува да создава нова стварност – рече Туфан.
Снежана Младеновска-Анѓелков објасни дека во делата користи и моменти на фикција кои се само сврзно ткиво на документаристичката структура. Таа даде интересно толкување на поимот стварност преку конкретни примери од нашето секојдневие.
Стварноста е многу убав материјал за работење во оваа земја. Толку долго сме во транзиција, што не можеме ниту да живееме, ниту да твориме како што сакаме. Ме интересира оваа стварност која е тотално нестварна. Имаме систем на криминал и корупција, до каде ќе оди ова лудило додека политичарите нè убедуваат во спротивното и веруваат во сопствените лаги. Сето тоа е толку нестварно што ако се транскрибира, некаде некому ќе му изгледа како фикција. А за нас е стварност која секојдневно ја живееме – објасни Младеновска-Анѓелков.
Ренато Баретиќ вели дека своите фрустрации ги лечи пишувајќи коментари и колумни како новинар. Во литературата, пак, сака да пишува за убави нешта.
Зборуваме за деконструкција, а не спомнавме реконструкција. Од каде се тие цигли и бетон од кои ние ја градиме нашата книжевна стварност? А без елементот на стварност може да се пишува само поезија, но не и проза. Во првиот роман пишував за измислен остров во Јадранското Море, каде луѓето зборуваат на измислен дијалект. Многумина читатели поверуваа дека островот постои и се обидуваа да погодат кој е. Секому му одговарав дека е во право, зашто читајќи си создале своја стварност – рече Баретиќ.
Писателката Даница Вукиќевиќ вели дека секогаш зборува за т.н. реалност бидејќи смета дека реалноста има сопственик – сите приказни се раскажани од перспектива на моќ и во однос на тоа ние фаќаме некои позиции.
Ние ја делиме оваа просторија и никој од нас не е во истата реалност. Не постои консензус за една реалност, иако се преправаме дека има. Со деконструкции на светот, ние го спасуваме. Илузии постојат и тие се диригирани од позицијата на моќ. Живееме во паралелни светови каде не се среќаваме. Се забележуваме единствено преку емоцијата – вели Вукиќевиќ.
Последен панелист беше Владимир Левчев, а Јанковски го најави со неговата песна „Мост“ преведена на македонски јазик. Левчев смета дека реалноста што ја создаваат писателите за да се создаде духовна реалност, мора да има некое естетско чувство. Тој се осврна на многу интересен дел од новото време кој има директна врска со пишувањето – Chat GPT.
Правев еден експеримент со сонет од Шекспир. Посочив конкретни зборови, сè што требаше и напиша навистина одличен сонет. Но, знаете во што е разликата? Тој сепак не е Шекспир. Тука е моќта на писателите – да ја деконструираат физичката реалност и да создаваат нова – рече Левчев.
Во рамките на 11. издание на фестивалот, вчера во Културно-информативниот центар на Бугарија во Скопје се одржа средба меѓу членовите на програмата „Скопје фелоушип“ со претставници на Македонската асоцијација на издавачи. Присутните ги поздрави директорката на Центарот, Антонија Велева. Програмата „Скопје фелоушип“ оваа година е дел од меѓународниот проект „Читај, сподели, уживај“, се реализира во соработка со КУД Содобност од Словенија, а ко-финансиранa е од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
Фестивалот завршува вечерва во 20 часот во Даут-пашиниот амам. Писателите ќе читаат извадоци од своите дела, а говор ќе одржи добитникот на наградата „Прозарт“, Драго Јанчар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.