Наградата „Златна лира“ која СМУМ ја доделува за врвни уметнички достигнувања во изминатата година, за 2022 година им му се доделува на Триото Аура во состав: Страшо Темков (флејта), Марјан Милошевски (фагот) и Ана Гацева (пијано).
Триото АУРА го сочинуваат тројца истакнати музички уметници: флејтистот Страшо Темков, пијанистката Ана Гацева и фаготистот Марјан Милошевски. Темков, Гацева и Милошевски работат како професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Имаат реализирано многубројни рецитали како солисти и камерни музичари во Америка, Франција, Германија, Австрија, Англија, Бугарија, Азија, Африка, Србија, Словенија за кои добиваат позитивни оценки. Критиката ги нарекува „мајстори на својот инструмент“, а поради забележителните концерти по покана на реномирани меѓународни фестивали како „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Златна лира“, БУНТ Белград, Софија, Нишки фестивал, фестивал „Барски љетопис“, фестивал „Еспресиво“ – Цетиње, фестивал „Нимус“, фестивал „Ледамус“, Врање, Ваљево итн, несомнено се вбројуваат меѓу најдобрите и најактивните музички изведувачи во Македонија.
Триото АУРА има долгогодишна и богата концертна активност во и надвор од нашата земја. Чести гости се на реномирани меѓународни фестивали во земјата и странство, изведувајќи дела од сите музички епохи и стилови. Триото промовира премиерни дела од македонски композитори, напишани специјално за овој состав. Нивното заедничко високо естетско камерно музицирање високо го карактеризира „изразено чувство за експресивност, музичка симбиоза и компактност на звукот и изразот“.
Наградата „Златна лира“ која СМУМ ја доделува за животно дело, овој пат ѝ се доделува на пијанистката, публицист и педагог Снежана Анастасова Чадиковска.
Истакнатата македонска пијанистка, пијано педагог, музички публицист, музички аниматор и организатор Снежана Анастасова Чадиковска (Скопје, 1950) дипломира на Државниот конзерваториум во Софија, Бугарија (класа на проф. Дора Лазарова и Величка Савова). Во тек на студиите се усовршува и на семинари раководени од проф. Алдо Чиколини во Охрид. Постдипломски студии завршува на Музичката академија во Љубљана (1979) во класата на светски истакнатата пијанистка, проф. Дубравка Томшич. Во 1978 и 1979 се усовршува на Летните академии во Вајмар, Германија.
Во 1972 дебитира на концертната сцена во Салонот 19,19 во Скопје, со солистички рецитал. Активно концертира како солист и камерен музичар, реализирајки стотина концерти во Македонија и значајни музички центри на поранешна Југославија. Како пијанист покажува особен интерес за дела од романтизмот и 20-тиот век. Таа е прв изведувач во Македонија на значајни дела од Сергеј Прокофјев, Димитри Шостакович и Бела Барток. Воедно, изведува 45 дела од македонски композитори од кои 10 се праизведби.
Од 1972 работи како наставник по пијано во Десетгодишното музичко училиште во Скопје, подоцна интегрирано во Музичко-балетскиот училишен центар. Во оваа учебна институција набрзо стекнува реноме на еден од најистакнатите пијано – педагози. Во 1992 година се стекнува со звањето Особено истакнат педагошки работник на Република Македонија, а во 2004 година ја добива наградата за животно дело од здружението на музучки и балетски педагози на Република Македонија. Во ДМБУЦ работи работи до 1.1.2013.
Од 1982 развива дејност на музички публицист, како рецензент во македонскиот печат, соработник на МТВ, учесник во музички публикации и автор на повеќе монографии за видни музички уметници и институции. Снежана Анастасова Чадиковска низ повеќе форми на работа многу активно делува во процесите за развој и афирмација на македонската музичка култура, во сите педесет години на своето постоење во македонскиот културен живот. Тоа особено се искажува низ професионалната соработка со фестивалот ,,Охридско лето” и Музичката младина на Македонија. И денес таа оддржува живи контакти со настаните во македонската музичка култура, често давајки во нив значаен професионален придонес.
Снежана Анастасова Чадиковска е добитник на државната награда Св. Климент Охридски во 2021 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.