Во рамките на февруарската кинотечна програма денеска може да се погледнат филмовите „Триаголник на тагата“ во 20 часот и „Кајмак“ во 18 часот.

ТРИАГОЛНИК НА ТАГАТА

(Triangle of Sadness)

Игран филм, Шведска, Германија, Франција, Данска

2022, 142 мин., колор, ДЦП

Режија: Рубен Остлунд (Ruben Östlund)

Сценарио: Рубен Остлунд (Ruben Östlund)

Улоги: Херис Дикинсон, Чарлби Дин, Вуди Харелсон, Златко Буриќ, Вики Берлин, Доли Де Леон (Harris Dickinson, Charlbi Dean, Woody Harrelson, Zlatko Burić, Vicki Berlin, Dolly De Leon)

 

ТРИАГОЛНИК НА ТАГАТА навидум е урнебесна комедија, а суштински претставува брутална сатира за богатите луѓе од разни профили – руски олигарси, аристократи со „старо“ богатство, нафатирани трговци со оружје и претставници на „новата класа како што се инфлуенсерите на социјалните мрежи – кои започнуваат со уште едно рутинско задоволство какво што е крстарењето со супелуксузна јахта. На таа јахта има две класи: едната што платила да бидат задоволени сите нивни суптилни барања од храната, пијалоците и останатите тинтрања; другата треба да го одработи тоа, за помал или поголем бакшиш. Инаку, триаголник на тагата е оној замислен облик од нашите лица ако се повлечат линии меѓу нашите очи и коренот на носот.

Морската болест од лулањето на јахтата за време на бурата ќе биде причина да им преседне перверзно богатата вечера на патниците, но најлошото по нив допрва следува. Тука е најбитна реакцијата на капетанот на бродот. Постои изрека која вели дека и пијаниот бега од будалиот – или обратно, сеедно – но капетанот (одличниот Вуди Харелсон) е и луд и пијан. Згора на тоа и нихилист според идеолошкото убедување. Можете да ја претпоставите неговата рекција, а резултатот е потоната јахта и неколкумина спасени патници и членови на персоналот на брегот на еден остров кој изгледа дека е пуст.

И во услови кога луѓето се вратени барем два века назад – нема комуникации со светот, нема Фејсбук , Инстаграм и слично – газда е оној што ја поседува храната, колку и таа да е во оскудни количини. Поточно, газдарица, а тоа е Абигејл (Dolly De Leon), нискорангираната асистентка за хигиена на јахтата – што е само звучна титула за чистачка – која е новата „владетелка“ во изменетите правила: ќе преживее тој/таа што ќе се снајде во дивата природа. Постои и стара изрека дека побитно за опстанокот е да знаеш како да уловиш риба отколку да ја испржиш, и во филмот таа е вистинската норма за преживување. Или, можеби, ќе преживее тој/таа што има подобра интуиција?

Социјалната сатира ТРИАГОЛНИК НА ТАГАТА му ја донесе втората „Златна палма“ на шведскиот режисер Рубен Остлунд – по триумфот со КВАДРАТОТ (The Square) во 2017 година – како и повеќето главни награди на Европската филмска академија минатата недела: најдобар филм, најдобра режија и најдобро сценарио (исто Остлунд), а наградата за најдобра главна машка улога ја доби Златко Буриќ (хрватски актер со европска кариера и адреса во Данска). Наградата на Европската филмска академија Остлунд ѝ ја посвети на младата јужноафриканската актерка и моделка Чарлби Дин – во филмот ја игра инфлуенсерката Јаја – која ненадејно почина во август на 32 години.

Се чини дека со ТРИАГОЛНИК НА ТАГАТА е постигнат оној вистински баланс меѓу питкоста на сторијата и нејзината убиствена есенција. Како и да е, сведочиме на менување на претходните улоги во општеството, како во мала револуција. Ваше е да проверите дали и оваа ваква „револуција“ повторно ќе ги изеде сопствените деца?

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 150 денари

 

КАЈМАК

(Kaymak)

Игран филм, Македонија / Данска / Холандија / Хрватска

2022, 106 мин., колор, ДЦП

Режија: Милчо Манчевски (Milcho Manchevski)

Сценарио: Милчо Манчевски (Milcho Manchevski)

Улоги: Ана Стојановска, Камка Тоциновски, Симона Спировска, Александар Микиќ, Сара Климоска, Филип Трајковиќ (Ana Stojanovska, Kamka Tocinovski, Simona Spirovska, Aleksandar Mikikj, Sara Klimoska, Filip Trajkovikj)

 

Неконвенционална љубовна приказна, но и критика на нелибералното лицемерие, КАЈМАК, седмиот игран филм на Манчевски ја следи ситуацијата во две семејства.

Едното се млада и добро ситуирана брачна двојка која се обидува да добие дете, а другото се нивните соседи, кои живеат во куќарка подеднакво шарамантно распадната како и нивниот брак. Првите својот проблем ќе се обидат да го решат со роднина од село која ќе се всели кај нив, а вторите со примање на продавачката на кајмак во нивната заедничка постела.

И двете семејства си ја бараат среќата, секое на свој начин. Оваа црна комедија под површината се занимава и со помрачни социјални прашања – сурогат родителство, неверство, улогата на жената во семејството и општеството, трговијата со луѓе, сексуалната слобода  итн…

КАЈМАК ја имаше светската премиера на Токискиот филмски фестивал во 2022, учествуваше на десетина други фестивали, и забележа голема гледаност во кино-салите низ Македонија.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.