Шведскиот режисер Рубен Остлунд (Ruben Östlund) во ТРИАГОЛНИК НА ТАГАТА (Triangle Of Sadness) вели дека на секое лице може да се препознае триаголникот на тагата. Тој се формира во оној дел од лицето омеѓен со коренот на носот и очите.

Ретко кој филм од поновата продукција, како ТРИАГОЛНИК НА ТАГАТА, успеа не само да ги освои побитните награди годинава туку и да пробуричка низ закоравените односи во либералните општества. Филмот на Ослунд делува просто како мелем за антиглобалистите, анархистите и прекаријатот, но што ќе се случи ако пролетаријатот навистина еден ден дојде на власт во светот?

Таа претпоставка се случува на една луксузна јахта – светот малку ќе попричека – а сатирата на Ослунд веќе ги освои „Златната палма“ во Кан во мај годинава и повеќето главни награди на Европската филмска академија во декември 2022 година: најдобар филм, најдобра режија и најдобро сценарио (исто Остлунд), а наградата за најдобра главна машка улога ја доби Златко Буриќ (хрватски актер со европска кариера и со адреса во Данска).

Како и да е, сведочиме на менување на претходните улоги во општеството, како во мала револуција. Ваше е да проверите дали и оваа ваква „револуција“ повторно ќе ги изеде сопствените деца?

24 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

ТРИАГОЛНИК НА ТАГАТА

(Triangle of Sadness)

Игран филм, Шведска, Германија, Франција, Данска

2022, 142 мин., колор, ДЦП

Режија: Рубен Остлунд (Ruben Östlund)

Сценарио: Рубен Остлунд (Ruben Östlund)

Улоги: Херис Дикинсон, Чарлби Дин, Вуди Харелсон, Златко Буриќ, Вики Берлин, Доли Де Леон (Harris Dickinson, Charlbi Dean, Woody Harrelson, Zlatko Burić, Vicki Berlin, Dolly De Leon)

 

ТРИАГОЛНИК НА ТАГАТА навидум е урнебесна комедија, а суштински претставува брутална сатира за богатите луѓе од разни профили – руски олигарси, аристократи со „старо“ богатство, нафатирани трговци со оружје и претставници на „новата класа како што се инфлуенсерите на социјалните мрежи – кои започнуваат со уште едно рутинско задоволство какво што е крстарењето со супелуксузна јахта. На таа јахта има две класи: едната што платила да бидат задоволени сите нивни суптилни барања од храната, пијалоците и останатите тинтрања; другата треба да го одработи тоа, за помал или поголем бакшиш. Инаку, триаголник на тагата е оној замислен облик од нашите лица ако се повлечат линии меѓу нашите очи и коренот на носот.

Морската болест од лулањето на јахтата за време на бурата ќе биде причина да им преседне перверзно богатата вечера на патниците, но најлошото по нив допрва следува. Тука е најбитна реакцијата на капетанот на бродот. Постои изрека која вели дека и пијаниот бега од будалиот – или обратно, сеедно – но капетанот (одличниот Вуди Харелсон) е и луд и пијан. Згора на тоа и нихилист според идеолошкото убедување. Можете да ја претпоставите неговата рекција, а резултатот е потоната јахта и неколкумина спасени патници и членови на персоналот на брегот на еден остров кој изгледа дека е пуст.

И во услови кога луѓето се вратени барем два века назад – нема комуникации со светот, нема Фејсбук , Инстаграм и слично – газда е оној што ја поседува храната, колку и таа да е во оскудни количини. Поточно, газдарица, а тоа е Абигејл (Dolly De Leon), нискорангираната асистентка за хигиена на јахтата – што е само звучна титула за чистачка – која е новата „владетелка“ во изменетите правила: ќе преживее тој/таа што ќе се снајде во дивата природа. Постои и стара изрека дека побитно за опстанокот е да знаеш како да уловиш риба отколку да ја испржиш, и во филмот таа е вистинската норма за преживување. Или, можеби, ќе преживее тој/таа што има подобра интуиција?

Социјалната сатира ТРИАГОЛНИК НА ТАГАТА му ја донесе втората „Златна палма“ на шведскиот режисер Рубен Остлунд – по триумфот со КВАДРАТОТ (The Square) во 2017 година – како и повеќето главни награди на Европската филмска академија минатата недела: најдобар филм, најдобра режија и најдобро сценарио (исто Остлунд), а наградата за најдобра главна машка улога ја доби Златко Буриќ (хрватски актер со европска кариера и адреса во Данска). Наградата на Европската филмска академија Остлунд ѝ ја посвети на младата јужноафриканската актерка и моделка Чарлби Дин – во филмот ја игра инфлуенсерката Јаја – која ненадејно почина во август на 32 години.

Се чини дека со ТРИАГОЛНИК НА ТАГАТА е постигнат оној вистински баланс меѓу питкоста на сторијата и нејзината убиствена есенција. Како и да е, сведочиме на менување на претходните улоги во општеството, како во мала револуција. Ваше е да проверите дали и оваа ваква „револуција“ повторно ќе ги изеде сопствените деца?

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 150 денари

Љубителите на анимираната продукција ќе имаат можност да го видат МАЧОРОТ ВО ЧИЗМИ: ПОСЛЕДНАТА ЖЕЛБА (Puss in Boots: The Last Wish) во продукција на анимациското на студио „Дримворкс“ (DreamWorks)

24 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 18:00 ч.

МАКС И БЕСНАТА ДРУЖИНА

(Max und die wilde 7)

Игран филм, Германија

2020 г., 87 мин., колор, ДЦП

Режија: Винфрид Елснер (Winfried Oelsner)

Сценарио: Лиса Мари Дикрајтер, Винфрид Елснер (Lisa-Marie Dickreiter, Winfried Oelsner)

Улоги: Јона Ајзенблатер, Уши Глас, Гинтер Мариа Халмер, Томас Тиме, Стела Брикнер, Алвара Хефелс (Jona Eisenblätter, Uschi Glas, Günter Maria Halmer, Thomas Thieme, Stella Brückner, Alwara Höfels)

 

Можете ли да си замислите дека живеете во замок, како Геролдсек? Иако замокот е дом за стари лица, а вие сте деветгодишно момче?

На Макс тоа баш и не му се допаѓа, но мора тука да живее бидејќи неговата мајка е медицинска сестра и работи во ноќната смена. Тој е единственото дете меѓу овие збрчкани и неретко намќорести луѓе, па на прв поглед неговиот живот тука се чини сосем „не кул“.

Но, откако ќе влета во возбудлива криминална истрага во обид да го открие мистериозниот крадец кој на сред бел ден краде скапоцености од собите во дворецот, Макс ќе се спријатели со неколкумина од постарите жители на домот – со актерката Вера, фудбалскиот тренер Хорст и истражувачот Килијан, заедно попознати како Бесната дружина. Без нивна помош Макс нема да може да го открие вистинскиот крадец и да го изведе пред лицето на правдата.

 

Возрасна категорија: 8 години

Влезница: 100 денари

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.