В петок, на 14 октомври, во ЦК „Браќа Миладиновци“ во Струга во 20 часот ќе биде отворена изложбата на Горан Ристовски насловена „Траги“.

„Во овој негов циклус дела, заинтригиран од модификацијата на природниот пејзаж, и одново ,,привлечен“ од сензацијата која цртачките елементи на изразот и класичниот графички отисок се способни да ја дадат, Ристовски, инаку графичар по вокација, одново се навраќа на чистиот графички израз, претставувајќи ни цртежи и графики, овојпат работени исклучиво во техника линорез, со димензии кои варираат главно помеѓу 100х60см, 80х50 и 50х70см, вели Ангела Витановска, историчар на уметност.

„Горан Ристовски ја критикува човечката сурова интервенција врз природната средина низ финиот апстрактен цртеж и експресивно педантно изработената графика. Погледот ни го заматуваат меката линија и потезите на бришење, создавајќи експресивно линеарен третман кој ги спојува цртежите и графиките (линорези) во нови „Избришани пејзажи”. Тој ни нуди некои природни простори што некогаш постоеле. Уметникот својот активизам го практикува забележувајќи сцени од девастација на природата, повикувајќи на свесност, а не бегство во индиферентност, вели Дијана Томиќ Радевска, куратор.

Горан Ристовски (Струга, 1987) ликовен уметник кој живее и работи во Струга, дипломирал 2009 на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Учествувал на многу проекти и групни изложби во Македонија и надвор. Самостојно има изложувано во Струга, Скопје, Куманово, Охрид и Берлин. Неговата уметничка практика е во полето на цртежот, графиката, сликарството, графичкиот дизајн, муралот, инсталацијата, фотографијата, вклучувајќи и користење на готови предмети. Активно учествува на локални проекти од областа на културата, во активности кои се залагаат за имплементирање на уметничката практика во животот на младите. Ристовски е организатор на резиденциските уметнички престои во Струга, каде се реализирани неколку колективни изложби- инсталации поставени во специфични и напуштени објекти. Работи како професор по Ликовна уметност во Струга, еден е од основачите и членовите на уметничкото здружение ИНКА од Струга.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.