Со аплауз и почит колегите од Драмски театар Скопје го испратија актерот Марин Бабиќ, кој на 74-годишна возраст почина по кратко и тешко боледување на 15 октомври годинава.
Директорката на Драмски, Катерина Коцевска, по говорот на една од неговите ќерки, Маја Бабиќ, ги замоли сите присутни актери, режисери, драматрузи, да се качат на сцената на Драмски и да му оддадат последен поздрав на доајенот на македонското глумиште.
Тоа беше Марин, животот му беше театар, а театарот живот, во буквална смисла на зборот. Тој беше добар татко и добар човек, со многу верба во луѓето. Имаше само еден смртен непријател и тој се викаше Марин Бабиќ. Постојано беа во кавга, душата си ја вадеа и не сум сигурна дали на крај си ги закопаа воените секири. Беше боем во душата, заљубљив по вокација, радискиот пријател во ноќта, одличен говорник на поезија. Голем гурман и одличен готвач. Дури ме начи и како да пијам со мерка, рече во емотивното збогување ќерката Маја.
Говорејќи на сцената на Драмски, се присети дека само еднаш, прв и последен пат таа била дел од една претстава – „Чук, чук Стојанче“.
Иако често со сестра ми Ира седевме во салата, се врткавме по ходниците и ќошињата на Драмски и гледавме стотици претстави , некои ги знаевме наизсут. Тој никогаш не ни дозволи да бидеме на сцената. Веројатно и сега некаде гледа и и карактерсично ја подига едната веѓа и се лути што сум овде. Го сакаше Драмски, живееше за, и во него. Беше дел од неговите ѕвездените моменти, а јас и Ира за среќа имаме доволно години да ги паметиме и да бидеме дел од таа приказна. Толку многу ја сакашеоваа сцена што знам колку тешко му падна кога мораше да се раздели од неа. Сепак, смислуваше начини како да ѝ се врати со некои нови проекти и улоги. За жал, планот не му успеа, рече Маја Бабиќ.
Марин Бабиќ беше идеен творец на популарната манифестација „Глумците пеајт“ и ќерката Маја се присети на соработката со татко ѝ и помладата сестра Ира.
Да бидам искрена не ви било лесно и вам како негови колеги, прецизен, ситничав, но со јасна визија што сака да направи. Уживавме во тој негов животен проект. Ни ги остави во наследство и аманет кога-тогаш да ги обновиме. И ќе го направиме тоа. Сè она што сме ние и внуците и меѓудругото е благодарение на неговиот начин на воспитување рече Маја.
Последната улога Марин Бабиќ ја изведе беспрекорно и маестрално, како грижлив и посветен родител.
За разлика од неговиот непредвидлив живот, замимнувањето како да му беше смислено од почеток до крај. Како вистински да се потруди да не нè истрауматизира со неговата болест, но ни остави доволно време да станеме свесни дека заминува, беше бескрајно спокоен и така замина, во сон. Целосно се покрижи да не ги измалтретира неговите девојчиња, заврши Маја Бабиќ.
Марин Бабиќ во 1971 година дипломирал на Театарската академија во Софија и истата година станува дел од Драмски театар – Скопје, каде го поминува целиот свој работен век. Ќе остане запаметен по бројните и значајни улоги не само во својата матична куќа, туку и во други театри и проекти. Позначајни улоги има во претставите: „Болен Дојчин“, „Лиза, Лиза“, „Свадба“, „Учени жени“, „Собирен центар“, „Бура“, „Вообразениот болен“, „Злостори на срцето“, “Најголемиот подвиг на витезот Сукало“, „Ивона кнегиња бургундска“, „Солунски патрдии“; „Рибарски караници“, „Косанчиќев венец бр. 7“, „Хаос зад кулиси“, „Викенд на мртовци“, „Ноќ спроти Водици“, „Зојкиниот стан“, „Смртта на Дантон“, „Стапица“, „Сказна за времето“, „Сили во воздухот“, „Самоубиец“, „Балконот“, „Не сега драга…“, „Прости дарови“, „Амадеус“, „Дедо Мраз и Феферона“, „Заводникот од западниот свет“, „Словенскиот ковчег“, „Платонов“, „Ферхад и Ширин“, „Демонот од Дебар Маало“.
Неговата актерска кариера ја одбележаа и бројни филмски и ТВ улоги: „Бушава Азбука“, „Наши години“, „Оловна бригада“, „Јад“, „Нели ти реков“, „Доротеј“, „Јужна патека“, „Тетовирани души“, „Претежно ведро“, „Училиште за кловнови“, „Збогум на 20 век“ и многу други.
Во културната колективна меморија засекогаш ќе остане неговиот Јашар Бег во театарската претстава „Солунски патрдии“, но и по репликата која стана урбана фраза на многу луѓе – „Ово нема ни у Београду“, од претставата „Викенд на мртовци“.
Повозрасните генерации се сеќаваат на неговата култна Ноќна програма на Радио Скопје. Радио кариерата ја заокружи со популарната радио-емисија за готвење во некогашниот Радио Равел.
Марин Бабиќ ќе остане запаметен како идеен творец на култната манифестација „Глумците Пеат“ и по поетскиот серијал „Бебули“ и неговите маестрални интерпретации на современата поезија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.