Театарот „Војдан Чернодрински“ со претствата „Хамлет“ од Шекспир, во режија на Бранко Брезовец гостува во Загреб. На 10 септември 2024 во театарот „Гавела“ ќе изведе две претстави. Гостувањето е во рамките на манифестацијата Еуријал 2024, која се одржува во два дела. Во есенскиот дел, отворањето на Еуријал 2024 е со претставата на нашиот театар, која отвора радикално, ново читање на Шекспировото ремек дело.
„Хамлет“ е работена според трагедијата на Вилијам Шекспир, со користење на драмите „Во малиот дворец“ на Станислав Игнациј Виткиевич и „Чест“ на Васил Иљоски. Режисер е Бранко Брезовец, за костимите е задолжена Сузана Брезовец. Во претставата играат Зоран Иваноски, Димитар Ѓорѓиевски, Андон Јованоски, Даниела Иваноска, Марија Спиркоска Илијеска, Игор Трпчески, Илија Волчески, Александар Тодески, Михајло Миленкоски, Виолета Чакарова, Наташа Ачански и Ана Митоска.
Публиката ќе има можност во ова читање на Хамлет, да го проследи нагласениот конфликтот во и меѓу ликовите, стремежот за моќ и желбата за одмазда. И овој Хамлет е заплеткан во измами, манипулации и лудило. Меѓутоа, мотивите од Чест од В. Иљоски и Во малиот дворец од С. Виткиевич внесуваат уште позасилена атмосфера на сновидение и сосема неочекуван развој на комплексни односи и настани – се вели во образложението на претставата.
Театарот „Војдан Чернодрински неколку пати досега има гостувано во Загреб (со претставите „Антица “ и „Глембаеви, уште една легенда“) во рамките на фестивалот „Еуроказ“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.