Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ кој е во полн ек на одржувањето во Прилеп, ги слави годинашниве добитници на наградата за животно дело: актерите Мими Таневска Србиновска и Јордан Витанов.

И за двајцата доајени на македонското глумиште, фестивалската награда е посебна чест и задоволство како „круна“ на децениското актерско творење на „штиците што живот значат“, особено им е вредна зашто доаѓа од „фелата“.  Потврдуваат дека за актерот нема „пензија“.

Актерот Јордан Витанов кој долги години работи на сцената од велешкиот театар, а има остварено и телевизиски и филмски улоги ја доби наградата за животно дело и го следи текот на Фестивалот со кој има долгогодишни „врски“, и во фестивалското Собрание и како дел од организацијата на оваа најреномирана театарска манифестација кај нас. Двапати ја добил наградата за главна машка улога.

Фестивалот ми направи големо задоволство. Секогаш сум се чувствувал многу пријатно во Прилеп и Фестивалот сум го чувствувал како свој. Сум бил на многу други фестивали, ама овде се чувствувам како дома. На моите млади колеги би им посакал да работат посветено. Театарот е страст, уметност, од која, на некој начин, егзистираме, но, најважно е што тој нѐ прави среќни, нас и публиката. И, доколку имаме да ѝ порачаме, да ѝ пренесеме на публиката некои наши пораки и приказни, би бил многу среќен. Ја добивам оваа награда и ја чувствувам многу блиска, зашто е од еснафот, изјави Витанов, кој долги години работи во велешкиот театар, но има остварено и телевизиски и филмски улоги.

По 15-годишното искуство во МНТ во Скопје, актерката Таневска Србиновска, добитничка на наградата за животно дело, премина, како професор на ФДУ. Таневска Србиновска смета дека е корисно искуството да го сподели со студентите.

Досега имам пет генерации студенти. И, може да кажам, тоа се тие новите сили што нѝ доаѓаат. Јас, од сѐ срце би сакала да ги поддржиме. Како ние постарите, така и институциите, бидејќи, новот театар го носат новите луѓе. Тие носат нови идеи, создаваат нови содржини, и, всушност, ја наоѓаат новата смисла во театарот, рече Таневска Србиновска.

Мотото на Фестивалот „Промени се, промени сѐ“, соодветствува со театарот и театарската уметност. За Јордан Витанов театарот е вечна промена.

Логото на Фестивалот е погодено, а театарот никогаш не се задоволувал со комотни позиции. Постојано истражувал, барал нешто ново, препорачувал, нудел модели, општествени и секакви други. Инаку, моја нереализирана желба остана Хамлет. Да сме здрави и живи, може ќе го режираме. А јас да го играм, рече актерот Витанов.

Слично размислува и актерката и професорка Таневска Србиновска. Според неа, театарот имал подеми и падови, што е нормален процес.

Ми се допаѓа фестивалското мото. За да промениме нешто во театарот, односно да промениме сѐ, е најбитно да се промениме себе си, а потоа сѐ друго. Ама, мислам дека сме на добар пат. А, јас никогаш не сум ја напуштила сцената. Тоа никогаш нема да го направам. Сега не би бирала улога. Мислам дека улогите, низ животот, ме избирале мене, изјави актерката и професорка Таневска Србиновска.

На годинашниов МТФ „Војдан Чернодрински“ од отворањето на 7 јуни, од 11-те претстави во официјалната конкуренција се одиграни три, а вечер на програмата се уште две претстави. Се одржуваат промоции, разговори на тркалезната маса за одиграните претстави, работилници, а неделата беше ден посветена на авторот во фокусот, Горан Стефановски. Фестивалот се одржува до 14 јуни кога ќе бидат познати наградите од жирито и од публиката.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.