Традиционалната годишна награда, која ја доделува Скопскиот џез фестивал за најдобар млад македонски џез музичар, годинава ја освои џез тапанарот, импровизатор и композитор Драган Теодосиев.
Од Скопски џез фестивал (СЏФ) велат дека тој е присутен на македонската музичка сцена веќе две децении, а своето музичко образование го стекнал во средно музичко училиште и на одделот за џез музика на факултетот за музичка уметност во Штип.
Активно работи со голем број артисти и бендови како: Taxi Consilium, Svetlost + Odron Ritual Orchestra, Зарина Првасевда, Cobalt Code Unit, Shock Troopers и Дина Јашари, а соработувал и со Тони Китановски, Сашо Поповски, Јордан Костов и многу други. Бил дел и од театарската група ‘Мадам Фортуна’ од Анверпен, Белгија. Редовно настапува кај нас, но и низ цела Европа. Го нарекуваат ‘најзафатениот (џез) музичар во Македонија’, велат од СЏФ.
Наградата на Теодосиев, како што најавија оттаму, ќе му биде врачена во петок, во Младинскиот културен центар пред настапот на неговиот состав Cobalt Code Unit на 42-то издание на Скопскиот џез фестивал. Влезот за полноќниот концерт на Cobald Code Unit е слободен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.