Новиот филм на Горан Столевски, „Домаќинство за почетници“ својата светска премиера денес ќе ја има на Филмскиот фестивал во Венеција, како дел од програмата „Хоризонти“ во конкуренција за наградите за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио, специјална награда од жирито и најдобра машка и женска улога.

Филмот, како што се вели во описот, ги истражува универзалните вредности во семејството во кое сме родени и во кое се наоѓаме.

Во филмот играат Анамариа Марника, Алина Сербан, Самсон Селим, Сара Климоска, Владимир Тинтор Миа Мустава, Ајше Усеини, Џада Селим, Розафа Целај и многу други. Кинематорграфер е Наум Доксевски, а филмот е во македонска продукција на „Лист продукција“ и копродукција со неколку други европски продукциски куќи, а ќе биде дистрибуиран од „Фокус Фичрс“ и „Универзал пикчрс“.

„Домаќинство за почетници“ ќе се прикаже денес во 17 часот, а својата прва реприза ќе ја има утре во 15:30 часот. Премиерната проекција на филмот во Македонија ќе биде на 23 септември со што ќе го отвори годинешното издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

На денешниот репертоар во Венеција својата светската премиера ќе ја има и краткиот експериментален  филм „21 ден до крајот на светот“ на режисерката Теона Стругар Митевска како дел од програмата „Денови на авторите“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.