Утре (сабота/23.11.2024 год.) со почеток во 12 часот во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје ќе биде свечено одбележан јубилејот – 80 години од именувањето на првиот директор и започнувањето со работа на библиотеката во слободна Македонија со заповед на Поверенството за народна просвета на Президиумот на АСНОМ на 23 ноември 1944 година.
Свеченоста ќе започне со изведба на македонската химна, а свои обраќања по повод јубилејот на оваа врвна институција од областа на библиотекарството ќе имаат в.д. директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“ Јовица Никчевски, државниот секретар во Министерството за култура и туризам Марија Ѓоргова и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Прославата ќе биде збогатена со настап на националниот ансамбл „Танец“, со изведба на неколку музичко-фолклорни композиции од машка и од женска пејачка група со придружба на дел од оркестарот на традиционални инструменти.
НУБ „Св. Климент Охридски“ ќе додели благодарници на Министерството за култура и туризам, на националниот фолклорен ансамбл „Танец“ и на соработници на библиотеката, а постхумно ќе биде доделена благодарница за првиот директор Георги Шоптрајанов што ќе ја прими претставник од семејството.
На одбележувањето премиерно ќе биде прикажана видео презентација на која е претставен историјатот и развојниот пат на библиотеката, а исто така ќе биде отворена и изложба на оригинални документи, копии верни на оригиналите и други материјали поврзани со историјатот на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.