Од 31 мај до 2 јуни, студентите од Факултетот за драмски уметности (ФДУ) го организираат филмскиот викенд „Хај -Фај“, соопштија од ФДУ.
ХАЈ-ФАЈ е нова меѓународна филмска платформа направена од студенти за студенти. Истата ќе служи како отскочна даска за промоција на студенти од филмски катедри при нивното прогресирање кон професионалци.

Програмата за овој прв настан е поделена на официјална филмска програма со студентски кратки филмови на колеги од Србија, Косово, Словенија, Бугарија, Црна Гора, Босна и Херцеговина. Понатаму, carpe diem програма, чиј фокус е вмрежување. Гостите ќе имаат шанса да ги споделат своите искуства, да предложат соработка и да се запознаат со локалните фестивали, меѓукои „Синедејс – фестивал на европски филм“, Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, „Дрим Шорт“ филмски фестивал, „Бич филм фестивал“, Младински филмски фестивал, „Ѕирни“ фестивал на филм и музика и „Македокс“ фестивал на документарен филм.

Актуелните средношколци и матуранти ќе имаат шанса да се запознаат со овогодишните уписи за филмска режија, снимање и монтажа на ФДУ. И за крај музичка ОФФ програма каде, во улогата на диск-џокеи, ќе настапат Миа Ѓоргиевска, Лазар Христов и Јане Вељаноски и Марко Младеновиќ и Христијан Ристески.

Влезот за сите настани е слободен. Целосната програма и распоред се достапни на социјалните мрежи на ХАЈ-ФАЈ и Академска сцена.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.