Со размена на книжевни дела од роднокрајни автори од Струга и автори од Кина и дегустација на кинеска и струшка традиционална храна, во Паркот на поезијата во Струга се одржа првиот, од неколкуте планирани настани за одбележување на јубилејот 80 години Градска библиотека и 65 години од основањето на домот на културата Браќа Миладиновци.

Амбасадата на Кина размени книги со струшката библиотека, а кинескиот амбасадор, Џанг Sуо изрази надеж дека младите, студентите и сите стружани ќе можат да научат нешто повеќе за вистинската Кина.

Тој го истакна и интересот на кинеските студенти за изучување на македонскиот јазик.

„Неодамна познатиот универзитет за економија и право ,’Жонгнан’, почна курс по македонски јазик и култура, а се пријавија над 200 кинески студенти. Ова го покажува силниот интерес на кинеските студенти за македонската култура како и ценењето и почитта на Кина кон другите цивилизации. Да ги користиме книгите како мост за заеднички да цртаме прекрасна слика за взаемно учење меѓу цивилизациите“, порача Sуо.

Директорката на центарот за култура Браќа Миладиновци Николина Велкоска Глигороска истакна дека со вакви соработки се гради и продлабочува хармонијата помеѓу народите.

„Нашата хармонија во различностите денеска ќе ја прославиме преку размена на пишаниот збор од нашите и кинеските роднокрајни автори, богатството на храната како и музичите точки. Тоа е повод за оваа иницијатива во иднина да се продлабочи и да придонесе кон културното збогатување на нашата заедница“, рече Велкоска Глигороска.

Јубилејот на Градската библиотека и Центарот за култура ,Браќа Миладиновци во Струга ќе се чествува во текот на целата 2024 година со повеќе манифестации, концерти, музички и книжевни настани отсликувајќи го постоењето на овие две значајни институции низ годините.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.