На Саемот на книгата 2024 во неделата, на 21 април во Промо центарот на Саемот се одржа книжевна средба со чешкиот писател Михал Сикора кој е автор на серијал детективски романи. Сите овие романи ги поврзува инспекторката Марија Бувова, обожавателка на Боб Дилан, која со својот тим решава сложени случаи на убиства.

На средбата со чешкиот автор Михал Сикора зборувавме за неговите два романи што се досега преведени на македонски јазик во издавачката куќа „Славика либрис“. Тоа се романите „Најлошите стравови“ и „Случајот за егзорцистот“. До крајот на годината, во превод на македонски јазик, ќе бидат објавени уште два романи од овој серијал, велат издавачите.

За секој од неговите романи во Чешка се снимени мини ТВ серии кои имаат заеднички наслов „Детективите од Светата тројка“. Едната од од овие ТВ серии е добитник на престижната филмска награда „Чешки лав“.

Чешкиот писател Михал Сикора е универзитетски професор, на Катедрата за театар и филм предава предмети за современиот светски роман, драма и компаративна книжевност. Досега има објавено пет дела од серијалот за инспекторката Марија Бувова, а набрзо од печат ќе излезе и шестиот дел.

Настанот беше организиран во соработка со Чешкиот книжевен центар и Амбасадата на Република Чешка во Македонија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.