Уште една награда за најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски – викендов доби Специјална награда на фестивалот И-фест во Калабрија, Италија. Манчевски е почесен гостин на фестивалот, кој го чествува со Ретроспектива на комплетниот опус, од „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“, „Бикини Мун“, „Врба“ и „Кајмак“ до кратките „Четврток“ и „Крајот на времето“. Тој исто така одржа и мастерклас.

Фестивалот објави и соопштение во кое изразува целосна поддршка и солидарност со Манчевски, осудувајќи го политичкиот прогон на кој е тој изложен од македонските власти затоа што пријавил корупција.

Ме изненади наградата и ме потсети на зборовите на тогашниот директор на Венецискиот фестивал, Џило Понтекорво, кога ми ја врачуваше десеттата награда во иста вечер во Венеција: ‘Баста, сињор Манчевски’. Ја посветувам наградава на сите оние кои вредно работат на филмовите, без никој да знае за нив: истражувачи, публицисти, правници, дистрибутери…“, изјави Манчевски.

Фестивалот во Калабрија се одржува во Националниот парк Полино, и покрај Манчевски годинава чествува и две италијански легенди, актерката Клаудија Кардинале и режисерот Франко Зефирели. Меѓу гостите се и оскаровците Пол Хагис и Куба Гудинг Јуниор и италијанските ѕвезди Франко Неро и Марија Грација Кучинота.

Последниот филм на Манчевски „Кајмак“ неделава продолжува со фестивалскиот живот. На 23 септември „Кајмак“ го отвора фестивалот во Тирана, Албанија, а ден претходно Манчевски ќе има официјална средба со градоначалникот на Тирана Ерион Велиај.

Следат фестивалите Балкан панорама во Измир, Турција, и „Avant&Una“ во Бихаќ, БиХ, а „Кајмак“ ќе продолжи со фестивалите и во текот на есента.

На почетокот на септември, „Кајмак“ ја освои наградата за Најдобар филм на фестивалот Синеквест во Калифорнија, САД, каде ја имаше и американската премиера, а три дена претходно и специјално признание на жирито ФЕДЕОРА (Федерација на филмски критичари од Европа и Медитеранот) на фестивалот во Херцег Нови, Црна Гора.

Светскиот продажен агент „Левел К“ од Копенхаген го пласираше „Кајмак“ и во Австралија, каде наскоро ќе почне прикажувањето. Инаку, „Кајмак” е еден од македонските филмови кои имаат најширок пласман во светот, продаден е за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Ст. Китс и Невис до Данска… Понатамошниот процес на пласман е во тек.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.