Францускиот институт во Скопје и Скопско лето објавија дека изведбата на уличното дефиле-претстава на француската театарска група „Кидам“ (La Compagnie des Quidams) се одложува за утре (29 јуни) во 21 часот.

Како што соопштија организаторите, настанот требаше да се одржи вечерва, но групата не е во можност да пристигне денеска поради големо невреме во моментот на полетувањето од Франција.

Прославата на 50-годишнината од постоењето на Францускиот институт во Скопје утревечер ќе биде затворена со улично дефиле и претстава, насловени „Сонот на Ерберт“.

Настанот ќе започне во 21 часот, од пред Музејот на град Скопје. Дефилето потоа ќе помине низ улица „Македонија“, преку Камениот мост до плоштадот „Карпошово востание“, каде што ќе се одржи финалето на претставата.

Низ волшебна музика, пет обемни фигури, високи четири метри, ќе изведат магичен ритуал преку кој ќе ѝ овозможат на една ѕвезда да се издигне на небото…Претставата е наменета за сите возрасти. На крајот на претставата, на фасадата на „Ибни Пајко“, ќе биде прикажан видео-мапинг на македонскиот визуелен уметник Емил Петро, насловен како „Франција во светлина“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.