За Кирил и Методиј е запишано дека биле векови пред своето време. Затоа и чествувањето на нивната мисија треба да биде достојно, достоинствено и далекугледо. Тие не создадоа писмо, азбука, збор за поделби. Тие се дадоа себе за да создадат универзално добро. Не случајно Ватикан ги прогласи за Патрони, Заштитници на Европа, а нивните дела за цивилизациска вредност, изјави денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на чествувањето на манифестацијата „Денот на свети Кирил“ во Рим, во чии рамки концерт одржа реномираниот тенор Благој Нацоски.
Пред концертот, кој се одржа во салата „Балдини“, во своето кусо поздравно обраќање министерката за култура потенцираше дека е голема пораката на мудрите сесловенски просветители Кирил и Методиј во битката дека секој народ има право да пишува, да зборува и да му се моли на Бога на својот јазик.
– И денеска, кога и јас пред вас говорам на македонски, еден од јазиците кој ѝ припаѓа на словенската група јазици, има ли поголем повод и подобар миг да ги слушнеме зборовите на Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов… отпеани од нашиот најпознат тенор во светот, од нашиот амбасадор на културата во оваа прекрасна земја, нашиот Благој Нацоски, рече Костадиновска-Стојчевска.
Маестро Благој Нацоски настапи во пијано придружба на Алесандро Д‘Агостини, а на програмата беа дела од Страдела, Хендл, Хајдн, Фирфов, Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев, Благој Цанев… Беа изведени стихови од Владо Малески, Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов.
Во рамките на чествувањето на светите Кирил и Методиј, во киното „Тицијано“ утре ќе биде прикажан документарниот филм „Медена земја“ во режија на Тамара Котевска, чие претставување е на иницијатива од Македонската амбасада во Рим и Асоцијацијата „Жени дипломати“ при МНР на Италија АЦДМАЕ.
Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска е член на државно-црковната делегација предводена од претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, која денеска и утре престојува во Италија и во Ватикан по повод чествувањето на светите Кирил и Методиј.
Како дел од делегацијата, Костадиновска-Стојчевска беше и на аудиенцијата кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск и на полагањето венец на спомен-плочата на македонски јазик посветена на делото на светите браќа во базиликата „Санта Марија Маџоре“.
За утрешниот ден е предвидена посета на базиликата „Сан Клементе“, каде што ќе се одржи молебен во чест на Св. Кирил, на кој ќе началствуваат митрополитите г. Пимен и г. Јосиф.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.