Во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје, со присуство на претставници на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), државни институции, како и експерти за заштита на културно наследство, се одржа завршната конференција во организација на ИКОМОС Македонија, со што и официјалнo заврши проектот „Мониторинг на православното културно наследство“.

Конференцијата ја отвори претседателката на ИКОМОС Македонија, Кристина Бицева, која изрази задоволство од извршениот мониторинг со кој во периодот 2022-2023 година беше направен увид во состојбата на зачуваност на 707 православни цркви и манастири во сите осум епархии на МПЦ-ОА на територијата на нашата земја:  „Следејќи методологија која специјално наменски ја изготвивме за овој проект и користејќи унифицирани теренски обрасци, нашите теренски тимови изминаа 25.000км на терен, во 236 работни теренски денови низ сите градови, па сѐ до најоддалечените планински села мониторирајќи 707 цркви и манастири од кои 60 новоевидентирани, односно 55% од вкупното евидентирано христијанско сакрално наследство во националниот регистар на културно наследство“.

Сите теренски податоци за состојбата на секој мониториран објект се складирани во специјално дизајнирана база на податоци и истите се достапни за разгледување и пребарување на веб-сајтот www.monitoring.icomos.org.mk

Собраните податоци исто така беа предмет на статистичка обработка, анализа и компаративни студии и тие се сумирани во завршен извештај (публикација) до кој може да се пристапи овде.

Истиот (н.з. извештајот), покрај појаснувања на методолошкиот пристап, ги претставува генералните резултати од мониторингот и дава толкувања епархија по епархија. На крај, ги претставуваме нашите препораки кои сметаме дека се суштинскиот аспект од овој проект, а кои имаат за цел да ја унапредат заштитата на православните културни добра и се наменети за МПЦ-ОА како имател на овие добра, за надлежните институции за заштита на културното наследство, за верската заедница, како и препораки за зголемување на интерсекторската соработка“, појасни Бицева. Таа истовремено даде и општо видување на сумарните резултати: … генерално, состојбата на зачуваност, автентичност и интегритет на црквите и манастирите во Македонија е добра или задоволителна во поглед на архитектурата, со нешто полоши вредности за состојбата на ѕидното сликарство, но дека за жал постојат и објекти кај кои е евидентирана лоша, па и катастрофална состојба“.

Свое обраќање имаше и Неговото Блаженство, г.г. Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски, кој се осврна на големото значење на православното културно наследство за македонскиот идентитет, но истовремено напомена дека „културното наследство не смее да служи само како можност за гордеење и пофалување со него, туку треба да претставува и должност за негово зачувување и пренесување на следните поколенија“.

Тој исто така изрази надеж дека и во иднина ИКОМОС Македонија ќе продолжи со своето дело за запазување и на црковното и на севкупното друго наше културно наследство и дека сето она што тие ќе го забележуваат и укажуваат ќе биде внимателно слушнато и  исполнето од државните институции за нашето вредно културно наследство да опстојува“.

Во рамките на конференцијата беа презентирани и две видеа – едното за постигнатите цели и резултати на проектот содржани во завршниот извештај, а другото со насоките за користење на базата на податоци. Истите можат да се погледнат на YouTube каналот на ИКОМОС Македонија.

Проектни резултати | Мониторинг на православното културно наследство | ИКОМОС МК

База на податоци | Мониторинг на православното културно наследство | ИКОМОС МК

Во вториот дел од конференцијата следеше панел дискусија во која учествуваа лидерите на петте теренски тимови: Зоран Павлов, Константин Анастасов, Мишко Тутковски, Цветанка Хаџи Пецова и Вероника Шендова. Тие ги претставија препораките за надлежни институции за заштита, за МПЦ-ОА, за верската заедница, за интерсекторските заедници, како и за системот на заштита на културното наследство во иднина.

Во дискусијата беше истакнато големото значење на спроведениот мониторинг, особено поради фактот што истражување од ваков обем не е направено со децении од страна на надлежните институции.

Нивна генерална препорака беше потребата од спроведување на редовна валоризација и ревалоризација на православното културно наследство со цел навремено преземање на стручни интервенции за негово сочувување. Од особена важност е и креирањето политики за одржлив развој кои ќе ја земат предвид специфичноста на ова „живо наследство“.

Беше истакнато дека заштитата и односот кон вредностите на овој вид наследство не се на задоволително ниво од стручен аспект и дека досегашната востановена институционална мрежа на заштита, правна регулатива и градење на финансиски политики не се доволно ефикасни. Се дадоа препораки за зголемување на соработката помеѓу сите чинители (надлежните институции, МПЦ-ОА и верската заедница) заради спречување на самоиницијативни, нестручни и неовластени интервенции, како и обезбедување соодветна стручна и поефикасна заштита.

Исто така беше нагласена потребата од едуцирани и стручни кадри кои посветено ќе работат и ќе ја следат потребата на споменикот“, од осовременување и примена на нови дигитални технологии следејќи ги светските практики, како и од учество на специјализирани компании и поединци кои доследно ќе ги спроведуваат протоколите за заштита при вршењето на заштитните интервенции врз спомениците на културата.

И, како што истакна еден од панелистите, овој мониторинг треба да претставува аларм за да го смениме нашиот однос кон ова наше заедничко културно наследство“.

За успешно спроведениот проект, ИКОМОС Македонија се заблагодари на сите стручни лица ангажирани во неговото спроведување и обработка на податоците, на МПЦ-ОА и неговото блаженство г-дин г-дин Стефан, на сите епархии и нивните надлежни назначени лица, како и верската заедница во секоја посетена црква за нивната соработка и на Православниот богословски факултет „Св.Климент Охридски“ – Скопје.

Проектот „Мониторинг на православното културно наследство“ беше во целост поддржан од Центарот за културно наследство на Стејт Департментот на САД, како дел од неговата Иницијатива за документирање на наследството на заедниците.

 

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.